Крвта од комодскиот змеј клучна за нов вид антибиотик

Крвта од рептилот комодски змеј, познат и како комодски варан, содржи важен хемиски спој, кој според американските научници би можел да се користи во процесот за зацелување на инфицираните рани и затоа решиле да направат синтетски спој чијашто база ќе биде молекула којашто се содржи во крвта на гуштерот, се наведува во студијата објавена во научното списание Biofilms and Microbioms.

Познато е дека лигите од овој вид голем гуштер, кој живее во областа на пет индонезиски острови, содржат голем број видови бактерии кои не се штетни за варанот.

Научниците од универзитетот „Џорџ Мејсон“ во американската сојузна држава Вирџинија успеале да создадат синтетичка комбинацја чијашто база е молекула којашто се содржи во крвта на гуштерот, а важното е што поседува антимикробни својства. Ефикасното делување го откриле лекувајќи инфицирани рани кај лабораториските глувци. Според нив, станува збор за протеин кој во иднина би можел да биде развиен во многу ефикасен антибиотик.

Се верува дека ова откритие претставува исчекор во напорите да се пронајдат нови неоходно потребни антибиотици за лекувањето на се’ поопасните мултирезистентни патогени бактерии.

Како што се наведува во споменатата студија, во задниот резервоар од усната шуплина на комодските змејови се наоѓаат повеќе од 80 бактериски соеви. Некои од нив кај пленот на гуштерите предизвикува труење на крвта или сепса, но на овој вид рептил кој се храни со месо не му штети, што значи дека е имун на нив.

Научниците од хистонскиот протеин H1 произвеле синтетички пептид и го нарекле DRGN-1. Го примениле во лекувањето на раните кај глувците инфицирани со два бактериски соеви, познати како „супербактерии“, односно pseudomonas aeruginosa и staphylococcus aureus позната како MRSA. Овие две бактерии е многу тешко да се искоренат бидејќи развиле специфична отпорност на сите познати антибиотици со создавање колонии во форма на синџири или гроздови, а тие се порезистентни на антибиотиците од само еден бактериски сој.

Водителката на студијата Моник ван Хоек за BBC вели дека истражувањето покажало оти пептидот DRGN-1 двојно помогнал во заздравувањето на раните кај глувците, и тоа со своето анимикробно дејстување, како и со поттикнувањето на миграциите на клетките на кожата, што на крајот резултирало со зацелувањето на раните. Пептидите, имено, се состојат во градбата на сите клетки коишто се значајни за многу природни процеси на кожата, како што се пролиферацијата и миграцијата на клетките, пороцесот на зараснувањето, како и синтезата и регулацијата на протеините.

И покрај тоа што истражувањето е спроведено врз лабораториски глувци и само на два бактериски соја, американските науниците веруваат дека DRGN-1 ветува и дека во натамошните истражувања ќе се покаже успешен во лекувањето на инфицираните рани, особено кога станува збор за ткн „супербактерии“.