Кси го отвори 20-от конгрес на владејачката кинеска Комунистичка партија

Претседателот Кси Џонпинг го отвори во неделата јубилејниот 20-ти конгрес на владејачката Комунистичка партија на Кина, на кој, како што се очекува, ќе го добие третиот мандат и ќе го зацврсти своето водство како најмоќниот кинески лидер од времето на Мао Цетунг.

Конгресот на кој учествуваат околу 2.300 делегати од целата земја започна во Големата сала на народите на западнаа страна на Плоштадот Тијанамен под строги безбедносни и епидемиолошки мерки во кинеската престолнина Пекинг.

Во текот на децениите од власта, Кси ја насочи Кина на патот во кој приоритет е даден на националната безбедност, државното управување со економијата во името на „општиот напредок“, дипломатијата, јакнењето на вооружените сили, вселенската програма и последните години засилените тензии со САД, главно околу прашањето на Тајван.

Политичките аналитичари не очекуваа никаква промена на политичкиот курс на Пекинг, уште повеќе што западните сили и нивните колективни организации Кина годинава ја означија како една од најголемите закани.

Во кинеската јавност изминатите денови особено беше истакнувана доследност на Кси на стратегијата на нулта толеранција на Covid-19, што им ги разби надежите на странските компании дека Пекинг наскоро може да ја напушти политиката којашто им предизвикува економска штета.

Се чини дека влијанието и моќта на Кси не е намалена ниту со тоа што кинеската економија, од која се очекува да го влече глобалниот раст, изминатата година драматично забави како и другите во светот, што се припишува на честите епидемиски „затворања“, кризата во секторот недвижнини и влијанието на нејзиното сузбивање во 2021 година на некогаш слободната „платформска економија“.

Кинеските односи со Западот остро се влошија, особено по неуспехот да се влијае Кси Џинпинг да се сврти против рускиот претседател Владимир Путин, и особено поради инсистирањето на Пекинг дека Тајван е негова одметната покраина кој треба да се врати во матицата земја, при што не се исклучува ниту употребата на сила.

Син на револуционер на Комунистичката партија, Кси повторно ја зајакна партијата чистејќи ја од корупцијата и ширејќи ја нејзината присутност во сите сегменти на кинеското општество наспроти нејзината ирелевантност во претходниот период, а Кси стана нејзиниот „јадро“.

Со реформите во 2018 година, на Кси му е отворен патот да остане на чело на партијата и трет петгодишен мандат, а можеби и подолго. Се очекува дека Конгресот кој се одржува двапати во една деценија повторно ќе го потврди Кси за генерален секретар на партијата, што е најмоќната должност во Кина, како и на претседател на Централниот воен комитет. Претседателствувањето на Кси би требало да биде обновено во март, на годишното заседание на кинескиот парламент.

Ден по завршувањето на конгресот, се очекува дека Кси ќе го претстави својот нов Постојан комитет на Политбирото кој има седум членови. Во него ќе биде и личноста којашто ќе го замени Ли Кечијанг на местото премиер, кога Ли ќе отстапи од таа должност во март откако ги извршуваше максималните два мандата.