Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе ја посети Русија од 20-ти до 22-ри март на покана на неговиот руски колега по должност Владимир Путин, соопшти во петокот службата за односи со јавност на Кремљ за средбата која се оценува како поддршка на Пекинг за Москва во обидите на Западот за нејзина меѓународна изолација.
„Во текот на разговорите ќе бидат дискутирани актуелните прашања за натамошен развој на сеопфатните партнерски односи и стратешката соработка меѓу Русија и Кина“, се наведува во соопштението.
Во текот на посетата на кинескиот челник, исто така, планирана е размена на мислења и за продлабочување на соработката меѓу Москва и Пекинг во сферата на меѓународната политика.
Како резултат од разговорите ќе бидат потпишани бројни важни билатерални документи, најавуваат од Кремљ.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, претходно истакна дека посетата на кинескиот претседател на Русија ќе претставува посета на пријателство и оти дополнително ќе го зајакне меѓусебното разбирање и довербата меѓу двете земји.
„Состанокот на врвот, исто така, ќе даде нови поттик за развојот на односите меѓу Пекинг и Москва и ќе ја зајакне политичката основа на пријателството меѓу двата народа, пренесувано од генерација на генерација“, додаде Ванг.
Од кинеската дипломатија истакнаа и дека Кси ќе има „длабинска размена“ на мислења со Путин за билатералните односи, како и за меѓународни и регионални прашања. Разговорите ќе се водат врз основа на принципите на неконфронтирање кон и ниту ќе бидат насочени кон трети земји, истакнуваат од Пекинг.
Кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, нагласува дека Кине ќе се придржува на „објективната позиција“ во врска со Украина и ќе игра конструктивна улога во поттикнувањето на преговорите.
Путин и Кси последен пат разговараа преку видеоконференциска врска во декември. Тогаш рускиот челник и го покани кинескиот колега да ја посети Москва. Како што истакна тогаш Путин, посетата ќе му ја демонстрира на светот цврстината на руско-кинеските врски и ќе биде главниот политички настан во годината во доменот на билатералните односи.