Кси: Кина и Германија треба да ја зајакнат соработката во времињата на промени

Кинескиот претседател Кси Џинпинг во петокот на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакнал потребата од поголема соработка меѓу нивните две земји во „времињата на промени и превирања“.

Шолц е првиот челник од земјите од групата Г7 кој ја посетува Кина од почетокот на пандемијата.

Кси на првиот состанок во живо со Шолц откако овој ја презема канцеларската должност, во Големата сала на народот во Пекинг рече дека Кина и Германија, како големи влијателни земји, мора повеќе да соработуваат во „време на промени и превирања за благосостојбата на светскиот мир“, пренесе кинеската државна телевизија CCTV.

„Во моментов меѓународната ситуација е сложена и нестабилна. Како големи и влијателни земји, во времињата на промени и превирања Кина и Германија би требало уште повеќе да соработуваат за да дадат поголем придонес за светскиот мир и развој“, рекол Кси.

Шолц возвратил дека е добро што се сретнал со Кси тет-а-тет во тензичните времиња, истакнувајќи дека „руската инвазија во Украина создава проблеми за светскиот поредок втемелен на правила“, пренесува репортерот на Reuters кој ја следи делегацијата на германскиот канцелар.

Исто така, Шолц рекол дека двајцата ќе разговараат за прашањата поврзани со односите меѓу Европската унија и Кина, борбата против климатските промени и светската глад, како и за тоа како да се развиваат кинеско-германските економски врски, како и за теми за коишто имаат различни перспективи.

Поради строгата кинеска политика на „нулта толеранција“ на коронаворусот, Шолц и делегацијата на германските претприемачи тестирани се на Covid-19 веднаш по слетувањето во Пекинг во петокот утрото. Притоа здравствените работници во заштитни одела влегле во авионот за да земат примероци, известува новинарот на Reuters кој патувал со делегацијата.

Шолц, кој би требало да се сретне и со премиерот на заминување Ли Кечијанг, претходно седмицава изјави дека во Пекинг ќе ги постави прашањата за човековите права, Тајван и тешкотиите со коишто германските компании се соочуваат за да му пристапат на кинескиот пазар.

Пред посетата се јавија критики за социјалдемократот Шолц на ниво на Европската унија и во самата владејачка коалиција, главно од зелените и либералите. Тие тензии беа изразени особено минатата седмица, откако главниот удел во германското пристаниште Хамбург беше продаден на кинеската компанија „Cosc“ и покрај противењата на коалициските и европските партнери.