Кси: Мора да се спречат „обоените револуции“

Кинескиот претседател Кси Џинпинг изјави во петокот во узбекистански Самарканд дека светот влегол во ново поглавје на турбуленции и дека партнерите како рускиот претседател Владимир Путин и централноазиските челници треба да ги спречат странските сили да ги поттикнуваат ткн „обоени револуции“.

На своето прво патување надвор од Кина од почетокот на 2020 година, Кси на самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО – SCO) изјави дека во Самарканд собраните челници би требало меѓусебно да се подржуваат за да го спречат странското мешање во нивните земји.

„Светот влезе во нов период на турбулентни промени, мораме да го разбереме трендот на времето, да ја зајакнеме солидарноста и соработката, како и да промовираме градење поблиска заедница на судбините со Шангајската организација за соработка“, рече Кси.

„Би требало да ги поддржуваме меѓусебните напори да ги заштитиме безбедноста и развојните интереси, да ги спречиме надворешните сили да организираат обоени револуции и заеднички да се спротиставиме на мешањето во внатрешните работи на други земји под каков и да е изговор“, истакна претседателот на Кина.

Рускиот претседател Владимир Путин повтори дека САД се земјата којашто ги планира, финансира и изведува ткн „обоени револуции“.

Самопрогласените „обоени револуции“ кои редовно се одвиваат на просторите на поранешниот Советски сојуз, во прв ред ткн „Револуцијата на розите“ во Грузија или „Портокаловата револуција“ и „Мајдан“ во Украина или „Револуцијата на лилињата“ во Киргистан, со голема вербална поддршка од челниците од Западот и тамошните невладини организации, дејствува под изговор за менување на авторитарни лидери во тие земји и поставување „прозападни и либерални“ челници. Но често во овие земји со таквите политички активности се менуваа всушност властите кои тесно соработуваа со Москва, а САД ги негираат наводите дека нивните влади се вмешани во тоа.

Кинеската владејачка Комунистичка партија, којашто на Кси во октомври веројатно ќе му го овозможи третиот мандат и ќе го зацврсти неговото место на најмоќниот челник на земјата по Мао Цетунг, и во минатото предупредуваше на „обоените револуции“.

 

„Антиамерикански клуб“?

Путин ја пофали Шангајската организација за соработка, којашто меѓу другото е и безбедносно тели во кое се Кина, Русија, Индија, Пакистан и четирите поранешни советски централноазиски земји, и којашто опфаќа речиси половината од светското население и сочинува четвртина од глобалниот бруто домашен производ (БДП).

За Иран, кој поднесе барање за полноправно членство, ШСО е потенцијален клуб кој може да се им се спротистави на САД и нивните сојузници. Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека организацијата треба да биде осмислена така за да може да се одговори на „драконските“ американски санкции.

Индискиот премиер Нарендра Моди ги повика колегите челници да посветат внимание на кризата во синџирите за снабдување, додека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф зборуваше за климатските промени и поплавите во неговата земја. Претходно во четвртокот Шариф и Путин разговараа за продолжување на градбата на пакистанскиот гасовод, при што заклучија дека се можни скорешни испораки на руски гас.

А додека челниците на Киргистан и Таџикистан разговараа со Путин и Кси, ескалираше новата епизода од нивните оружени конфликти на граничната линија, несреќно исцртана во текот на распадот на Советскиот сојуз.

 

Средба на Моди и Ердоган

Индискиот претседател Нареднра Моди се сретна со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на маргините на самитот во петокот. Тоа беше нивната прва средба по две години, откако односите меѓу двете земји се заострија по коментарите на Ердоган за спорниот регион Кашмир со мнозинско муслиманско население.

Индиската влада на почетокот од 2020-та го повика на разговор турскиот амбасадор и му врачи протестна нота, откако Ердоган во текот на посетата на соседен Пакистан реле дека ситуацијата во Кашмир се влошува. Изјавата на турскиот претседател следеше откако во 2019-та владата на Моди ја укина широката автономија на Кашмир и ја стави под сојузна управа.

Кога Велика Британија во минатиот век се повлекуваше од колонизацијата на индискиот потконтинент го подели на две држави Пакистан и Индија и настанаа големи преселби на муслиманското и на хундуистичкото население преку новата граница. Кашмир остана поделен и беше причина во минатото за три војни меѓу двете земји кои се нуклеарни сили.

„Премиерот Моди и претседателот Ердоган разговараа за начините за продлабочување на билатералната соработка во различни сектори. Двајцата челници ги поздравија неодамнешните позитивни резултати во билатералната трговија“, објави кабинетот на Моди на Twitter објавувајќи фотографија од средбата.

Станува збор за неодамнешните договори со кои Турција купува повеќе пченица и ориз од Индија.