Кинескиот претседател Кси Џинпинг му порача во петокот на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе ја имаат кинеската поддршка во справувањето со пандемијата од коронавирусот, додека истовремено Вухан, кинескиот град кој се смета за жариште на епидемијата, е отворен за сообраќај.
САД имаат најмногу заболени на светот, близу 85.000 заразени. Болниците во Њујорк и во Њу Орлеанс се борат со огромниот наплив на пациентите.
Во Вухан, пак, кој два месеца беше целосно блокиран, од петокот утрото повторно може да се влезе, но не и да се излезе. Покраината Хубеи, чиј главен град е Вухан, во средата ги укина ограничувањата во сообраќајот за сите места, освен за Вухан од кој луѓето ќе може да излегуваат од 8-ми април.
Поддршката од кинескиот претседател Кси Џинпинг за САД, којашто ја пренел во телефонскиот разговор со американкиот колега по должноста, Доналд Трамп, доаѓа во време на вербалната војна меѓу Вашингтон и Пекинг за различни прашања, вклучително и за потеклото на пандемијата од коронавирусот.
Трамп и други американски функционери ја обвинија Кина за нетранспарентност, а американскиот претседател и другите американски функционери, во прв ред државниот секретар Мајк Помпео, често коронавирусот го нарекуваат „кинески вирус“ или „Вухан вирус“ со што го разгневуваат официјален Пекинг.
Во разговорот, Кси на Трамп му повторил дека Кина била отворена и транспарентна во врска со епидемијата, во споделувањето на примероци од вирусот и информациите, се покажува од транскриптот од разговорот кој го објави кинеското министерство за надворешни работи.
Од својата страна, пак, Трамп на Twitter наведе дека со Кси „многу детално“ разговарал за пандемијата.
„Кина мина низ многу нешта и има големи сознанија за вирусот. Тесно соработуваме. Многу го цениме тоа“, додава американскиот челник.
Светската здравтвена организација (СЗО – WHO) објави дека САД, со 17.099 нови случаи на заразата и 281 починати во последните 24 часа, да стане ново жариште на пандемијата.