Кси му рекол на Бил Гејтс дека се надева на продолжување на кинеско-американското пријателство

Кинескиот претседател Кси Џинпинг го нарекол американскиот милијардер Бил Гејтс „стар пријател“ и му кажал дека се надева дека заедно може да спроведуваат активности кои би биле полезни и за Кина и за САД, на првата средба на комунистичкиот челник со коосновачот на технолошкиот гигант „Microsoft“ по неколку години.

На состанокот во државниот пансион „Диаојутаи“ во Пекинг, каде што кинеските челници историски примаат високи странски гости, Кси на Гејтс му рекол дека е „многу среќен што го гледа“, и го опишал како „првиот американски пријател“ со кој се среќава годинава.

„Често велам дека основите на кинеските односи со Америка лежат во нејзиниот народ. Ги полагам своите надежи во американскиот народ“, вели Кси во видеоснимката објавена од кинеската државна телевизија CCTV.

„Со моменталната глобална ситуација можеме да спроведуваме различни активности кои се полезни за нашите две земји и народи, активности од кои полза ќе има целото човештво“, рекол Кси, пренесува Reuters.

Гејтс, кој во Пекинг допатува во средата, му возвратил на Кси дека е „почествуван“ поради можноста да се сретне со него.

„Отсекогаш имавме прекрасни разговори и денеска ќе имаме многу важни теми за дискусија. Бев многу разочаран што не можев да дојдам во текот на последните четири годии, па е многу возбудливо враќањето“ во Кина, рекол еден од најбогатите луѓе на планетата.

Кси престана со патувањата во странство речиси три години, бидејќи Кина ги затвори своите граници во текот на пандемијата на коронавирусот, а неговите меѓународни состаноци од повторното отворање главно беа со други државни челници.

Бројни извршни директори на големи меѓународни компании, особено европски, ја посетија Кина откако на почетокот од годинава земјата повторно се отвори, но повеќето од нив се среќаваа со владини министри.

Гејтс се повлече од управниот одбор на „Microsoft“ во 2020 година, изјавувајќи дека ќе се сосредоточи на филантропски проекти поврзани со глобалното јавно здравство, образованието и климатските промени.

Последната официјална средба меѓу Кси и Гејтс беше во 2015 година, кога се сретнаа на маргините на форумот Боао во кинеската покраина Хаинан. На почетокот од 2020 година Кси му напиша писмо на Гејтс во кое му се заблагодарува нему и на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс на ветената помош за Кина, вклучително и пет милиони долари за справување на земјата со коронавирусната болест ковид-19.