Кси повика на приклучување на новиот Пат на свилата, договори од над 65 милијарди долари

Кинескиот претседател Кси Џинпинг во саботата во завршното обраќање на самитот посветен на проектот „Еден појас, еден пат“, попознат и како Нов пат на свилата, на кој се потпишани 280 договори чија вредност надминува 64 милијарди американски долари, ги повика и другите земји да му се пдиружат на овој голем инфраструктурен проект кој го оспоруваат западните земји, во прв ред САД.

Кси и челниците на 37 земји на крајот од тридневниот самите ветија дека ќе осигурат финансиска, општествена и еколошка одржливост на споменатиот проект во рамките на кинеската иницијатива.

„Решителни сме во давањето поддршка за отворениот, чист и зелен развој и во отфрлањето на протекционизмот“, рече Кси Џинпинг на завршната прес-конференција на којашто не одговараше на новинарски прашања.

Меѓу присутните челници, меѓу другите, беа рускиот и швајцарскиот претседател Владимир Путин односно Уели Морер, како и премиерите на Италија и на Пакистан, Џузепе Конте и Имран Кан.

Иницијативата „Еден појас, еден пат“, како што официјално се нарекува, е клучниот проект на претседателот Кси Џинпинг и предвидува повторно да се изгради стариот Пат на свилата кој ќе ја поврзува Кина со Азија, Европа и другите континенти со големи инфраструктурни вложувања. Целта на иницијативата е градење сообраќајни и енергетски инфраструктури кои им се извонредно неопходни на европските, азиските и африканските земји, но и на други континенти.

Овој проект се нарекува и Нов пат на свилата по примерот на древниот Пат на свилата, а предвидува градење патишта, мостови, гасоводи и пристаништа, преку кои светот би се поврзал и приклучил на кинескиот пазар. Иницијативата е покрената во 2013 година, а се финансира со вложувања и заеми во вредности од стотици милијарди евра, а проектите би ги финансирале кинеските банки.

Западните критичари предупредуваат дека овој мегапрект им дава предност на кинеските компании, а ги задолжува земјите кориснички и штети на природната околина, наведувајќи ја како пример Шри Ланка која поради неможноста да го отлати долгот мора на Кина да ѝ го препушти управувањето со нејзиното пристаниште на 99 нгодина.

САД на тоа гледаат како на начин да се прошири кинеското влијание во странство, како и дека Кина на тој начин со давањето кредити ќе ги направи земјите зависни од неа. САД се особено критични кон одлуката на Италија, како прва земја членка од седумте најразвиени земји Г7, која минатиот месец го потпиша договорот за проектот, во текот на посетата на кинескиот претседател на Рим. Грција, пак, којашто исто така како и Италија своето најголемо пристаниште го препушти на кинеско управување, веќе во ОН гласаше против одлуки кои не одеа во полза на Пекинг.

Говорите на кинескиот претседател Кси беа насочени да ги разобличат споменатите западни обвинувања и да ја отстранат загриженоста на земјите кои би сакале да учествуваат во проектот. Во завршното обраќање на форумот, Кси инсистираше дека во проектот сите учесници „работат како еднакви“. Во завршното усогласено соопштение, челниците на земјите учеснички ја истакаа „важноста од економска, општествена, фискална, финансиска и еколошка одржливост на проектот“.

Во петокот, на отворањето на самитот, Кси рече дека иницијативата за овој голем инфраструктурен и трговски план мора да резултира со „високо квалитетен“ раст за сите вклучени земји. И кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, за новинарите изјави дека иницијативата носи вистинска полза за земјите учеснички. „Овој партнерски однос не е геополитичко средство, туку платформа за соработка“, порача шефот на кинеската дипломатија.

Кина, на којашто во 2018 година американскиот претседател Доналд Трамп ѝ објави трговска војна, сака да го заземе водечкото место во мултилатералната соработка. Така, рускиот претседател Владимир Путин во саботата искажа пофалби за Пекинг, порад неговото „културно и пристојно оденсување“, критикувајќи ги попатно САД. „Никој не сака санкции ниту трговски војни, освен оние кои ги наметнуваат“, рече Путин.