Кси претстави голем план за развој на централна Азија

Кинескиот претседател Кси Џинпинг во петокот претстави голем план за развој на централна Азија, од изградба на инфраструктура до јакнење на трговијата, со преземање на нова водечка улога во регионот кој историски беше традиционално руска сфера на влијание а по распадот на Советскиот сојуз последните децении сѐ поголеми влијание имаше и Турција.

Кина е подготвена да ги координира своите развојни стратегии со Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан, поранешните советски републики, и да ја поттикнува модернизацијата на сите, рече Кси во обраќањето на самитот на Кине и централна Азија во древниот северозападен кинески град Кси’ан.

„Овој самит додаде нов поттик на развојот и ревитализацијата на шесте земји и вбризга силна позитивна енергија во регионалниот мир и стабилност. Заедно ќе поттикнуваме нова парадигма на длабока комплементарна соработка на високо ниво во којашто сите добиваат“, изјави Кси подоцна на прес-конференцијата придружуван од своите централноазиски колеги.

Кина со својот ангажман се постави на чело на трката за политичко влијание и за енергетските ресурси со кој е богат регионот, во периодот кога Русија е преокупирана со војната во Украина а САД од минатата година се обидуваат да пенетрираат во близина на руските и кинеските граници.

Петте поранешни советски републики, со мрежа од трговски коридори, ѝ нудат на Кина алтернативни правци за транспорт на горива храна и други стоки, доколку дојде до нарушувања на оние кои традиционално ги користи.

Ветувањата за поддршка и соработка на дводневниот самит во Кси’ан се гледаат како своевиден контраст на негативната слика, којашто ќе биде претставена на самитот на челниците на земјите од Г7 во јапонска Хирошима во петокот.

Кинеската поддршка за централна Азија, исто така, се чини како противтежа на американските обвинувања за нејзината наводна дипломатија на принуда.

Кси порача дека Кина и земјите од централна Азија и требало да ја продлабочат меѓусебната доверба и да понудат „јасна и силна поддршка“ на „темелните интереси“ како што се суверенитетот, независноста, националното достоинство и долгорочниот развој.

„Кина е подготвена да им помогне на централноазиските земји да го подобрат спроведувањето на законот, безбедноста и градењето на одбранбените способности“, рече Кси.

Во западните медиуми се истакнува дека Кси во текот на дводневниот самит ниту еднаш не ја споменал Украина, којашто како и централноазиските земји до 1990-те години беше дел од Советскиот сојуз.