
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара итно да почне да функционира Економско-социјалниот совет и тој да биде вклучен во договарањето околу висината на минималната плата.
Ова е едно од барањата на КСС усвоено на денешната седница на Конференцијата на КСС како највисок постојан орган меѓу два конгреса.
Од КСС информираат дека ќе покренат и иницијатива до Министерството за труд и социјална политика за носење на Закон за синдикатите, според искуството од демократските држави.
Од Владата се бара и покренување на иницијатива за утврдување на дополнителни услови за предвремено пензионирање со откуп на стаж најмалку за последните две години и да се разгледа можноста за воведување флексибилно работно време по модел на летно и зимско работно време.
Од КСС забележуваат дека претставници на одредени министерства во последните недели дале изјави во врска со социјалниот дијалог спротивни на Законот за работни односи и меѓународните конвенции, а забелешки имаат и на одржувањето состаноци за прашања кои се во надлежност на социјалните партнери, а на кои биле поканети да дебатираат претставници од невладините и граѓанските организации.