КСС бара ковид-19 да се признае како професионално заболување

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) бара засилени инспекциски контроли и заболувањето од ковид-19 да биде признаено како професионално заболување за сите работни места.

КСС смета дека е потребно инспекциските служби да се секојдневно на терен и со засилени контроли да постапуваат за спроведување на мерките за ефикасно справување и заштита од вирусот.

– Сакаме да нагласиме дека не само здравствените работници се под удар и влијание од вирусот туку дека и работниците во останатите дејности се исто така засегнати. Од друга страна надлежните институции не вршат доволна контрола во компаниите за да констатираат неправилности поврзани со безбедност и заштита при работа – велат оттаму.

Конфедерацијата на слободни синдикати бара откако заболувањето од ковид-19 ќе биде признаено како професионално за сите работни места да се усогласи во Правилникот за листата на професионални болести. Со тоа на вработениете ќе им следуваат законските можности: да имаат можност во полн износ од платата, отсуството од работното место да биде заведено како професионално заболување, доколку се појават одредени компликации, тие да може да се утврдат од каде потекнуваат и да се придонесе за превенција, работникот да може да ги користи бенефитите на системот за лекување на последиците по враќањето на работното место.