КСС ги прекинува протестите поради политички притисоци

„Извршниот Одбор (ИО) на КСС одржа два итни состаноци на кои беа разгледани причините за слабиот одзив на вчерашниот протест. Меѓу другото, ИО на КСС донесе одлука да прекине со протести и будно да го следи развојот на исполнување или неисполнување на законските обврски за работниците во јавниот сектор“, соопштија од овој синдикат.

Додаваат дека, согледувајќи и анализирајќи ги сите информации од членовите и синдикални претставници, добиле слика на еден жесток политички притисок кој во текот на вчерашниот ден се случувал во јавниот сектор.

„КСС има долгогодишно искуство со деградирање и давање откази на наши членови заради синдикални активности. Донесовме одлука во дел од институциите да поднесеме кривични пријави против непознати лица, се со цел да го заштитиме идентитетот на членовите кои поради нивниот исказ би можеле да доживеат голем број непријатности на своите работни места“, соопштија од КСС.
Од таму велат дека, за да се постигне договор треба политичка волја и рамноправност помеѓу социјалните партнери. „Оваа власт, веќе долги години се обидува да го замолчи и растури КСС преку разни репресивни методи и малтретирања на нашето членство, и при таков однос од власта кон нас не може да се преговара на рамноправна основа. Правдата секако мора да дојде на овој или оној начин, затоа ве предупредувме и ве повикуваме да престанете со притисоците врз нашите членови“, изјавија од КСС.