КСС: Заев да ги заузда функционерите кои вршат притисок на синдикалците

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара да престанат притисоците кон членството што ги вршат одредени институции и функционери заради барањата што ги испраќаат во време на пандемија за заштита на правата на работниците, за санкционирање на работодавачите кои зедоа државна помош и не исплатија или исплатија многу помала плата од минималната, како и за формирање солидарен фонд за сите работници што ја загубија работат поради ковидкризата и признавање на право на надомест од 100 отсто за боледување за заболените од ковид-19.

КСС најавува радикализирање на делувањето со преземање на сите легитимни мерки кои им се на располагање.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција, информира дека за тоа неколку пати досега барале средба со премиерот Зоран Заев, до кои не дошло.Тој јавно го повика премиерот да закаже средба со КСС и да ги спречи ваквите дејствија.

– Дел од раководството на КСС е под постојан притисок и прогон од именувани функционери, се бркаат од работа претседатели на грански синдикати при Конфедерацијата кои се и членови на Извршниот одбор, се бркаат од работа синдикални лидери на синдикални организации, се деградираат на работни места со неколку позиции надолу и се преместуваат на работни места надвор од местото на живеење. Притисокот секојдневно се зголемува и со откази и со прераспоредување на членови на синдикатот и оваа бројка постојано расте – рече Ралповски.

Тој алармира и дека се притиска и врз Трудовиот инспекторат и судиите кои решаваат трудови спорови со цел да се одолговлечат или да се преиначат пресуди.

-Како претседател на КСС вторпат добив отказ од мојата матична институција Агенција за катастар на недвижности иако само пред една година се вратив на работа по пресуда на Основниот суд и Апелациониот суд и со потврда на ревизија од Врховниот суд. Овојпат Трудовиот инспекторат констатираше дека со мојот втор отказ по исти основ се сторени експлицитни прекршувања на Законот за работни односи врз основа на што донесе решение за поништување на отказот, но наместо тоа се поништи решението на инспекторот од страна на Второстепената комисија на Влада, а инспекторот стана цел на прогон и дисциплински постапки – рече Ралповски.

Toj  додаде дека има случаи во кои одредени функционери, потенцира, се поставуваат над законите и не спроведуваат правосилни пресуди во делот на функционирањето на синдикатите и си дозволуваат да ја сопрат членарината што ја плаќаат членовите на КСС.

За сите дејствија во државата, како што рече, КСС постојано ги известува меѓународните организации во кои е член како што се Светската и Европската конфедерација на синдикати, а сега ќе ја извести и целата дипломатија во земјава и Европската комисија со пишани докази.