Куба: Вратено напојувањето со струја во Хавана, продолжуваат работите на обновување на мрежата

Кубанскиот електроенергетски оператор во понеделникот соопшти дека го вратил напојувањето во поголемиот дел од главниот град Хавана, и покрај тоа што тропската бура Оскар го зафати источниот дел на островот, уривајќи дрвја и далноводи.

Силните ветрови, исто така, уништија насади со банани и откорнаа покриви од куќи, додека обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето во изолираните оддалечени области. Источниот дел на Куба последните четири дена ги помина главно без струја.

„Последното нешто што сакаме е да претрпиме уште еден колапс на системот“, рече министерот за енергија и рударство, Висенте де ла О Леви.

Кубанските власти известија дека напојувањето е вратено на 89 отсто од главниот град, а благодарение на повторното активирање на најголемата електрана на островот, електричната енергија е вратена во оддалечените провинции. Но, предупредија дека враќањето на струјата не значи дека повеќе нема да има прекини во снабдувањето.

Комунистичката влада ги затвори училиштата и повеќето фабрики до среда додека работата за обновување на мрежата продолжува.

Националната електрична мрежа на Куба колабираше првпат во петокот, пред пристигнувањето на Оскар и по затворањето на најголемата електрана на островот, оставајќи 10 милиони луѓе без струја. Покрај тоа, недостигот од гориво, исто така, доведе до хаос. Од петокот, електричната мрежа беше во прекин уште трипати.

Хавана беше претежно тивка во текот на ноќта. Но, наводен очевидец рекол за Reuters дека наводно видел неколку раштркани мали протести во сиромашните и оддалечените населби, како и жители кои фрустрирано удираат во тенџериња по деновите без струја, храна или вода.

Во неделата вечерта, претседателот Мигел Дијаз-Канела им порача на граѓаните во обраќањето на националната телевизија да го изразат своето незадоволство на дисциплиниран и љубезен начин. „Нема да прифатиме или дозволиме вандализам што го нарушува мирот на нашиот народ“, предупреди Канела.

Последните месеци Кубанците често се соочуваа со долготрајни прекини на струја, меѓу 10 и 20 часа на ден како што известуваат американските медиуми, чии последици биле расипување на храната и отежнат пристап до други стоки како горивото.

Владата и независните експерти причината за честите прекини на струја ја гледаат во застарената инфраструктура која сѐ повеќе се влошува. Кога станува збор за недостигот од гориво и резервни делови за одржување на нејзините капацитети, Куба го обвинува веќе седумдецениското американско трговско ембарго и дополнителни санкции наметнати од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

САД негираат каква било улога во прекините на мрежата, додека сојузниците на Куба Русија, Мексико и Венецуела го намалија извозот на островот во последниве месеци.