Кубанците го славеа Денот на трудот шетајќи и носејќи слики од Кастро

Кубанските граѓани денеска се собраа на улиците, за прв пат од избувнувањето на пандемијата на корона вирусот, за да го прослават Меѓународниот ден на трудот, носејќи знамиња, фотографии од поранешниот кубански лидер Фидел Кастро и извикувајќи „Куба живее и работи“.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел и поранешниот лидер Раул Кастро, со бели маски на лицата и облечени во воени униформи, го надгледуваа собирот од бината свртена кон Плаза де ла Револуција во Хавана.
Маршовите беа полни со симболи на прославата на 63-годишнината од кубанската револуција, но и со остра осуда на властите на американското ембарго на Куба, пренесува Ројтерс.
Хуана Гарсија од Кубанскиот филозофски институт рече дека и покрај тешкотиите, повеќето Кубанци го поддржуваат процесот на револуција. „Ние Кубанците работиме на решавање на нашите проблеми. Не сакаме некој да се меша на кој било начин“, рече таа.