Осумгодишно дете изминатата ноќ починало како последица од напад на куче од расата англиски булмастиф, во двор на куќа во скопската населба Пинтија. Лекарите од градската болница „Свети Наум Охридски“ не успеале да го спасат детето.
Детето, кое било на гости, било нападнато откако влегло во дворот од куќата на Н.Г., сопственик на кучето. Според други информации, пак, трагедијата се случила откако детето се приближило до дворот каде кучето било чувано од страна на приватен сопственик по што било нападнато.
На местото на настанот синоќа биле јавен обвинител и екипи на Министерството за внатрешни работи, кои се обиделе да го заловат разбеснетиот миленик, за кој сопственикот имал соодветна документација.
Телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во соопштението на МВР се наведува дека вчера во 18:25 часот од ГОБ „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив било донесен малолетник од Скопје, кој според пријавеното подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н.Г. Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.