КУД „Дримкол“ на Денови на македонското културно наследство во Азербеџан

КУД „Дримкол“ од Вевчани ќе ја претставува Република Македонија во Баку, Азербејџан, на манифестацијата Денови на македонското културно наследство, што ќе се одржи од 9 до 11 ноември во Баку.

Централно место на манифестацијата ќе заземе настапот на Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани со целовечерна програма, на која ќе бидат презентирани традиционални песни и ора, носии и обичаи на Република Македонија.

Во рамките на оваа манифестација, проф. д-р Рубин Земон, претседател на Научниот совет на Институтот за социо-културна антропологија на Македонија, ќе одржи предавање за богатото мултикултурно наследство на Македонија, придружено со прикажување на неколку документарни етнолошки филмови.

Исто така, ќе биде поставена и изложба на современи фотографии од културното наследство на Македонија, изготвени во соработка со Центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“ од Скопје, предводена од  м-р Василка Димитровска.

Организатор и домаќин на манифестацијата „Денови на македонското културно наследство во Азербејџан“ ќе биде Организацијата за поддршка и истражување на културното наследство „МИРАС“ од Баку, Азеребејџан, предводена од  проф. д-р Фариз Кхалили.

Деновите на македонското културно наследство  се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.