Куќен притвор за судскиот вештак-митаџија

Судскиот вештак од Скопје, кој беше уапсен поради примање 2.000 мито е во куќен притвор, информираше Основното Јавно обвинителство Штип, кое се жалело на одлуката и барало активен притвор за осомничениот.

Постапувајќи по кривичната пријава од МВР, ОЈО Штип донесе наредба за спроведување на истрага против едно лице од Скопје, вработено во МЕПСО. На осомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело примање поткуп по член 357 ст. 4 во врска со ст.2 од Кривичниот законик. Осомничениот како вешто лице побарал и примил 2.000 евра за заверување на веќе изготвено економско- финансиско вештачење. На 6 октомври по претходен договор осомничениот ги примил обележените банкноти од пријавителот, по што по интервенција на овластени службени лица парите се пронајдени кај осомничениот и тој е лишен од слобода, велат од ОЈО.

Надлежниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до Судијата на претходна постапка при Основниот суд  Штип достави предлог за определување на мерка притвор.

Судијата на претходна постапка со Решение на осомничениот му определи мерка- куќен притвор. На ваквото Решение, до Советот на Основниот суд е доставена жалба, велат од ОЈО.

Според МВР, С.В.(56) од Скопје, кој во својство на вешто лице бил ангажиран од Бирото за судски вештачења при Министерството за правда изнудувал пари од клинетите. Тој во текот на јули 2018 во неколку наврати побарал 2.000 евра од сопственик на винарска визба од Штип за да стави потпис на економско финансиски вештачења по предмет кој против него се водел во Основниот суд Штип.