Култната спортска сала „Работнички“ ќе блесне во ново руво, реконструкцијата тече

Реконструкцијата на легендарната сала „Работнички“ во Градскиот парк се одвива во полн ек. Изминатата недела се демонтираше покривот и се поставува нов и нова фасада.

„Реконструкцијата се одвива според предвидената динамика. Во првата фаза до март планираме да поставиме нов покрив и фасада, како и комплетно реновирање на канцелариските простории каде беа сместени спортските федерации. Новитет е тоа што ќе го прошириме теренот, ќе се постави нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Ќе бидат поставени нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Наместо досегашните бетонски клупи ќе поставиме 891 седиште“, информира градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Тој истакна дека култната сала, симболот на Скопје, ќе биде реконструирана според највисоки стандарди за квалитет и согласно стандардите и процедурите на ФИБА.

Спортската сала „Работнички“ ќе биде енергетски ефикасна со што значително ќе се намалат трошоците за енергија.

„Го враќаме сјајот на „Работнички“, покрај реконструкцијата на гледалиштето, предвидено е и обновување на туш кабините, поставување нова опрема, кошови и друга потребна инфраструктура“, вели Герасимовски.

Салата се реконструира за првпат по 50 години, а градоначалникот Герасимовски е единствениот градоначалник од сите досегашни кој ја враќа во живот салата која години наназад се распаѓаше.