Кумановци заработија кривична пријава и триесетдневен притвор поради сомнение дека пред два дена ограбиле и претепале мигрант.
Кривична пријава заработија кумановците Г.П.(48), И.В.(42), М.Л.(21) и М.М.(18) поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „разбојништво“.

Ограбиле и претепале мигрант од Авганистан
Како што информира МВР, пријавените Г.П и И.В. во вторникот, на 25.08.2015 година, откако по претходен договор на железничкиот граничен премин „Табановце“ го пронашле оштетениот А.С.(31), државјанин на Авганистан и му понудиле за сума од 50 евра да го превезат во Република Србија, сите заедно влегле во патничко моторно возило и се упатиле кон селото Шупли Камен.
Во еден момент двете лица почнале на оштетениот да му кажуваат „проблем, легни“ по што истиот ги забележал лицата М.Л и М.М како со мотор се доближуваат до возилото од кои едното со маска на лице и со пиштол во рака.
Откако го извлекле од возилото, тројца од нив почнале да го удираат и да му бараат пари при што му одзеле 1.200 евра во различни апоени, два мобилни телефони марка и ранец во кој имал вреќа за спиење и лична гардероба, а исто така му нанеле и повреди на глава и тело.
Мигрантот А.С. бил оштетен за сума од околу 100.000 денари.
Двајца се во притвор по другите двајца се трага
Пријавените И.В и М.М. се спроведени до Основното јавно обвинителство Куманово за што од страна на Судија на претходна постапка им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека Г.П. и М.Л. се во бегство и се трага по лицата.