Куомо ги одложи предизборите во Њујорк поради експлозија на коронавирусот, еден починат на 17 минути

Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, објави во саботата дека ги одложува претседателските предизбори од 28-ми април за 23-ти јуни, поради растот на бројот на заразените со коронавирусот.

Во моментов во државата Њујорк има регистрирани 52.318 заболени, а починати се 728 луѓе. Во самиот град Њујорк, според пишувањето на весникот The New York Post, до саботата има 450 починати, а во последните два дена од коронавирусот на секои 17 минути починува по еден жител на Њујорк.

„Го следиме вирусот од првиот ден. Чекаме да видиме што вирусот ќе направи“, изјави Куомо и објасни дека „оваа војна нема да се добие со одбрана, туку со напад врз вирусот“.

Гувернерот Куомо прави напори да се претстави како лидер во својата држава од почетокот на пандемијата, а државата Њујорк има речиси третина од сите починати и поливина од сите потврдени случаи на заразата во САД.

Куомо ги повика аптеките да започнат да ги испорачуваат лековите до домовите и оваа услуга да не ја наплаќаат,.

Рече, исто така, и дека претседателот Доналд Трамп одобрил градење четири привремени болници во Њујорк, со што се добиени дополнителни 4.000 кревети.

Истовремено во саботата американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не го исклучува воведувањето на мерката карантин во голем број сојузни држави, вклучително и во Њујорк, што подразбира ограничување на движењето.

„Разгледуваме неколку работи… Некои сакаат да го видат Њујорк во карантин. Можеби, Њу Џерси, можеби уште неколку држави. Можеби Кентаки делумно ќе биде во карантин. Размислувам во моментов за тоа. Можеби ќе го направиме тоа. Но можеби и нема. Тоа може да се случи во секое време денеска“, изјавил Трамп за новинарите.

Додал дека станува збор за мерка од петнаесетдневен карантин со ограничување на излез и влез во сојузните држави. Според Трамп, некои њујорчани се обидуваат да заминат во Флорида, што не траба да се дозволи поради запирање на ширењето на епидемијата.