Куп на Италија: Милан лесно се пласира во четвртфиналето

Фудбалерите на Милан убедливо со 4:1 (2:0) го победија Каљари на Сан Сиро и се пласираа во четвртфиналето на Купот на Италија.

Првите два гола за „росонерите“ ги постигна српскиот напаѓач Лука Јовиќ во 29. и 42. минута. Стрелец за 3:0 беше 19-годишниот Чака Траоре од Брегот на слоновата коска. Каљари намали во 88. минута со голот на Пауло Аци, а конечните 4:1 ги постави Рафаел Леао (90+1).

Милан во четвртфиналето го чека подобриот од дуелот меѓу Аталанта и Сасуоло кој се игра в среда (18 ч.) во Бергамо. Рома во среда ќе игра против Кремонезе (21 ч.), а победникот во четвртфиналето ќе игра со Лацио.

Последниот осминафинален натпревар е закажан за в четврток (21 ч.), кога Јувентус гостува кај Салернитана, а победникот во четвртфиналето ќе игра против Фросиноне.

Веќе е познато дека Болоња ќе се бори за пласман во полуфиналето против Фиорентина, а тој меч е закажан за следниот вторник (9 јануари, 21 ч.).