Куп на Италија: Јуве убедлив со Салернитана за четвртфиналето

Во последниот натпревар од осминафиналето на италијанскиот фудбалски куп, Јувентус во Торино ја победи Салернитана со 6:1.

Јувентус со тоа стана последниот учесник во четвртфиналето, откако тоа претходно го остварија Рома, Фиорентина, Болоња, Милан, Аталанта, Лацио и Фросиноне. Јуве во четвртфиналето ќе игра против Фросиноне, кој го шокираше Наполи со победата од 4:0 на „Марадона“ на 19 декември. Во преостанатите три четвртфинални средби се среќаваат Фиорентина – Болоња, Милан – Аталанта и Лацио – Рома.

Сепак, не започна најдобро за торинската „Стара дама“. „Фенерџијата“ на табелата на Серија А го шокираше Јуве со водството во 59. секунда од натпреварот, а голот го постигна нигерискиот напаѓач Чуквубуикем Иквуемеси. Сепак, Јуве брзо израмни, во 12. минута Фабио Мирети погоди за 1:1, на асистенција на Андреа Камбијас, кој го сврте резултатот во 35. минута.

Во продолжение од натпреварот домаќинот постигна уште четири гола за убедливи 6:1. Стрелци беа Даниеле Ругани во 54. минута, Дилан Брон кој ја погоди сопствената мрежа во 75. минута, Кенан Јилдриз во 88. минута и Тимоти Веа во првата минута од судиското надополнување.