Фудбалерите на Атлетико Мадрид се последниот тим кој се пласираше во четвртфиналето на шпанскиот Куп на кралот, победувајќи го бранителот на титулата и градскиот ривал Реал со 4:2 по продолженија на својот стадион „Метрополитен“, откако резултатот во регуларниот дел од натпреварот беше 2:2.
Првото водство за Атлетико го донесе Самуел Лино во 39. минута, кога ја следеше акцијата на десното крило, навремено се постави зад одбраната на Реал и непречено ја испрати топката во мрежата на спротивната статива. Реал израмни во последните моменти од првото полувреме. Лука Модриќ од слободен удар ја испрати топката во срцето на шеснаесетникот, словенечкиот голман Јан Облак се обиде да боксува, но се судри со соиграчот Саул Нигез и ја пренасочи топката во сопствената мрежа.
Грешка на голманот доведе до гол за ново водство на Атлетико во 57. минута. Овојпат, Андриј Лунин згреши, се обиде со рака да ја избие топката, но таа го погоди неговиот соиграч Антонио Рудигер, од кого топката се одби право во стапалото на Алваро Мората, кој од три метри лесно ја спроведе во мрежата. во продолжението Реал беше поопасниот тим, што им се исплатеше на избраниците на Карло Анчелоти во 82. минута. Џуд Белингем ја измеша домашната одбрана на левата страна од шеснаесетникот и ја испрати топката на спротивната статива, каде што се наоѓаше Хоселу и со глава ја упати во мрежата за 2:2.
Избраниците на Диего Симеоне поведоа по третпат на натпреварот во 100. минута, кога Антоан Гризман во трк по десното крило го мина Винисиус и стигна до шеснаесетникот покрај гол-линијата, а потоа со левата нога ја смести топката под гредата преку рамото на Лунин. Реал до крајот не успеа да се врати иако во 112. минута Дани Себаљос ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради минимална офсајд позиција. Во 119. минута победата на Атлетико ја потврди Родриго Рикелме со гол за конечни 4:2, со што Атлетико на ист начин му возврати на Реал за неодамнешниот пораз (5:3 по продолженија) во полуфиналето на шпанскиот Суперкуп.
Во четвртокот, Барселона исто така се пласираше меѓу осумте најдобри, но се мачеше да дојде до победата од 3:1 против третолигашот Унионистас на гостувањето во Саламанка. Алваро Гомез беше стрелец на водечкиот гол за Унионистас во 31. минута, а дури кон крајот на првото полувреме, во 45. минута Феран Торес постигна гол за 1:1. Барселона, сепак, успеа да постигне уште два гола во вториот дел, а стрелци беа Жил Кунде во 69. и Алехандро Балде во 73. минута.
Покрај Атлетико Мадрид и Барселона, Мајорка, Севиља, Реал Сосиедад, Селта Виго, Атлетик Билбао и Жирона претходно се пласираа во четвртфиналето.
Жрепката за четвртфиналните двојки ќе се одржи во петок во Мадрид.