Куп на Македонија: Стартуваат четвртфиналните натпревари

Најинтересен, од денешните дуели, сигурно ќе биде мечот во Велес меѓу Работнички и Силекс, кои се еднакви амбиции се впуштаат во четвртфиналето посакувајќи место меѓу најдобрите четири во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Мора да играме во Велес, поради неможноста за настап на “Филип Втори” и зафатеноста на останатите терени во Скопје. Но, тоа секако не ја намалува воопшто определбата кај нас да дојдеме до позитивен резултат и со предност да ги завршиме првите 90 минути од двомечот со Силекс. Факт е дека ќе биде тежок, цврст, дуел. Свесни сме дека и кратовци посакуваат пласман понатаму, но имаме доволно и квалитет и сили да дојдеме до победа, и доволна предност за нешто порастоварено очекување на реваншот, вели стратегот на Работнички, Игор Ангеловски.

Од друга страна, Силекс ќе настапи со комбиниран тим, дел поради повредите на стандардни првотимци, но и поради желбата на тренерот Гордан Здравков за мал одмор за оние кои го носат најголемиот товар на првенствените средби.

По извонредната првенствена победа против Вардар, и Хоризонт Турново сега посакува позитивен резултат против Македонија ЃП на дуелот кој ќе се игра во Ѓорче Петров, како помирно би го очекувал реваншот на домашен терен.

Во Охрид, пак, Младост Царев Двор ја пречекува Брегалница, во дуелот на две екипи кои не може да се пофалат со некаква форма и позитивни настапи во шампионатот.

Куп на Македонија – четвртфинале (први натпревари):

Денеска, 13 часот:

Велес: Работнички – Силекс

Скопје: Македонија ЃП – Хоризонт Т.

Охрид: Младост ЦД – Брегалница

Утре, 13 часот:

Чаир: Шкендија – Вардар