Лидерот на Австриската народна партија (ОВП), Себастијан Курц, на кого Парламентот денеска му изгласа недоверба, порача дека промените што ги почнал нема да може да ги запре.
Денеска одлучи Парламентот, а во септември одлучува народот, истакна Курц во обраќањето до поддржувачите по смената од функцијата канцелар.
Курц додаде дека ОВП ја прифаќа денешната демократска одлука на Парламентот и најави дека наредните недели партијата ќе води кампања за да ги увери граѓаните во нејзините намери.
На опозициските партии им порача дека покрај тоа што го „симнале“ од местото канцелар, не значи дека успеале и него да го тргнат од политиката.Курц најави дека ќе продолжи да се бори и дека негова цел и на неговата партија е да работат за доброто на државата и нејзините граѓани.Австрискиот Парламент денеска изгласа недоверба на преодната влада на канцеларот Себастијан Курц.
За недоверба гласаа пратениците на Социјалдемократската партија на Австрија (СПО), која го поднесе предлогот за гласање недоверба, поранешниот коалициски партнер Слободарска партија (ФПО) и пратениците од листата Јецт.
Членовите на Народната партија (ОВП) на Курц, но и опозициската Неос гласаа против барањето на СПО.Лидерката на СПО, Памела Ренди Вагнер синоќа изјави дека претседателството на таа партија и сугерирално на својата пратеничка група денеска да поднесе барање за гласање недоверба на целата влада.
Претходно, Јецт соопшти дека СПО ќе поднесе барање за гласање недоверба само на канцеларот Себастијан Курц, а не и на целата влада, откако од неа излезе Слободарската партија (ФПО) по т.н. Ибица скандал.Вагнер одлуката ја образложува со тоа што Курц не ги искористил последните 10 дена од кризата за да создаде стабилност, да придобие мнозинство за својот предлог за нова влада, туку Парламентот го ставил пред свршен чин.
Со падот на Владата, Курц влегува во историјата како канцелар кој поминал најкратко време на таа должност, пократко и од претходниот рекордер Кристијан Керн.
Курц до денеска беше вкупно 525 дена на функцијата премиер.Досега, овој рекорд го држеше Керн, кој помина 580 дена на канцелариската функција.
Исто така, и новите министри во преодната влада ќе бидат запаметени како министри со најкратко поминато време на функцијата во повоената историја на Австрија.
Министрите Екарт Рац, Валтер Пелтнер, Јохан Луиф и Валери Хакле, вклучувајќи го и денешниот ден, беа на министерските функции само пет дена.
Во повоената историја на Австрија, до Владата се поднесени 185 барања за гласање недоверба, но досега немало потребно мнозинство за усвојување.
Во претходните години, иако беа распишани предвремени избори и раскинување коалиции, дотогашните владејачки партии едногласно ги отфрлаа барањата за гласање за недоверба на владата.
Инаку, претседателот на Австрија Александер ван дер Белен се изјасни против „уривање“ на преодната влада и при полагањето заклетва на новите министри апелираше до политичарите да не размислуваат партиско-политички, туку државотворно до предвремените избори.
По одлуката на Парламентот, тој ќе го довери мандатот за формирање нова влада на некој друг.Гласањето следеше по убедливата победа на партијата на Курц на европските избори во Австрија. На вонредната седница усвоена е и одлука за распишување предвремени избори во септември.