Австрискиот канцелар Себастијан Курц го објави фокусот на ковид-мерките за наесен, според кои нема да има повеќе општо заклучување, туку само „заштитни мерки“ за невакцинираните, дека целта е да се зголеми подготвеноста за вакцинација и повеќе контроли, со отворени училишта.
Курц, за ОРФ, објасни дека неделната инциденца повеќе нема да се следи како индикативна вредност врз основа на која мерки ќе се преземат, како што беше досега.
Наместо тоа, ќе се следи идниот капацитет на интензивната нега.
Тој објасни дека е направен план на мерки што ќе се применат од достигнување на одреден капацитет.
Што се однесува до заклучувањето, Курц рече дека, доколку се потребни „заштитни мерки“, тие повеќе нема да бидат за целата земја, туку само за невакцинираните.
Кога станува збор за вакцинација, тој објави дека сака да продолжи да ја дава третата доза, и дека целта останува да се зголеми стапката на вакцинација на населението.
Канцеларот, исто така, најави зајакнување на контролите, не само за да ги убеди луѓето да се вакцинираат, туку и затоа што има се повеќе лажни потврди за вакцинација, а правилата против ковид-19 не се почитуваат насекаде.
Запрашан за училиштата, Курц посочи дека тие ќе останат отворени.
Тој рече дека сака да спречи ново заклучување и премин на часови од дома по секоја цена.
– Доколку е потребно, ќе го продолжиме успешниот концепт на третиот бран со интензивно тестирање по почетокот на учебната година – рече Курц.