Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги предупреди граѓаните на Австрија да не патуваат во земјите од Западен Балкан и да не плаќаат за тестирање на Ковид-19 во овие земји.
„Ве повикувам да се придржувате до предупредувањата за патување. Секојдневно имаме сѐ повеќе случаи на инфекција, чие потекло може да се поврзе со Западен Балкан“, рече Курц, додавајќи дека австриските граѓани треба да се воздржат од патување кон Западен Балкан.
Австрискиот канцелар исто така се повика на обврските на работодавците, повикувајќи ги да се осигураат дека ќе се почитува карантинот од 14 дена по патувањето.
Покрај тоа, тој ја доведе во прашање валидноста на евтините тестови за Ковид-19 на дестинациите во Западен Балкан, кои им овозможуваат на австриските граѓани да се движат слободно откако ќе се вратат во Австрија.
Тестирањето за Ковид-19 на Меѓународниот аеродром во Виена е алтернатива и чини 190 евра по човек.