Австрија во борбата против коронавирусот е се поблиску до склучување договор за набавка на руската вакцина Спутник В.
На тоа укажува и денешната објава на австрискиот канцелар Себастијан Курц на социјалните мрежи.
Со милион дози на Спутник В би можеле побрзо да се вратиме во нормала, напиша Курц на својот фејсбук-профил.
Иако Европската агенција за лекови (ЕМА) се уште нема дадено одобрување за руската вакцина, Австрија очевидно одлучила да започне билатерална набавка.
Во Виена вчера е потврдено дека се размислува за набавка на еден милион вакцини Спутник В, а првите пратки би можеле да пристигнат следниот месец.
Курц претходно порача дека е единствено важно во оваа борба вакцината да биде ефикасна и безбедна, а не каде е произведена.
Тој за денеска најави средба со рускиот амбасадор во Австрија, Дмитриј Љубински.