Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц вчера порача дека европскиот мировен проект не е заклучен без членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, пренесува „Танјуг“.
Тој во неделната видео порака, в о која што одговара на прашањата на граѓаните беше прашан кои следни земји би можеле да и’ пристапат на Унијата и нагласи дека постојат поголем број земји што се во пристапни преговори со ЕУ.
Тоа е мошне долг процес и дури кога стандардите, што ги замислува Унијата, ќе бидат исполнети, постои шанса за членство, прецизира тој.
Тој истакна дека смета дека земјите од западен Балкан треба да имаат европска перспектива, затоа што само тогаш европскиот мировен проект би бил заклучен.
Австрија би профитирала од европската перспектива на земјите од западен Балкан, затоа што сме мошне блиску до тој регион. Имаме и голем број компании што се там у активни, така што голем број работни места зависат од тоа. Исто така безбедноста на Австрија е во непосредна зависност од состојбите во западен Балкан. Секое подобрување на западен Балкан се одразува не само врз нашата економија, туку и врз сигурноста, подвлече Курц.