Курц: Земјите членки на ЕУ мора сами да одлучат дали ќе прифатат бегалци

Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека обидите да се постигне распределување на бегалците во Европската унија преку системот на квоти не успеал, и оти секога земја членка мора да може самата да одлучи дали ќе прифати беглаци.

„Обидите да се присилат државите да ги прифатат бегалците нема да ја придвижи Европа нанапред. Доколку продолжиме по тој пат, ќе внесеме уште повеќе раздор во Европската унија. Земјите членки самите мора да одлучат дали ќе прифаќаат бегалци и колку“, вели канцеларот на новата десна влада на Австрија, Себастијан Курц во интервјуто за неделникот Bild am Sonntag, објавено во неделата ноќта.

Според Курц, „дискусиите за квотите и сличните работи се целосно бесмислени“. „На крајот од краиштата, имигрантите коишто се упатиле кон Европа, не сакаат да стасаат во Бугарија или Унгарија, тие сакаа, во прв ред, да дојдат во Германија, Австрија и Шведска“, вели австрискиот премиер.

Канцеларот натаму повикува на коригирање на недостатоците во миграциските политики на ЕУ. „Границите меѓу дозволувањето азил и економската миграција сега се целосно испреплетени“, вели Курц.

Според него, на мигрантите неопходно е да им се помага во нивните матични земји или во соседните држави. „Доколку тоа е невозможно, тогаш на нивниот континент во безбедните области“, додава Курц, истакнувајќи дека ЕУ е должна, можеби, да организира такви области и да ја осигури безбедноста во нив.

Само како последна мерка директно на самото место, неопходно е да се донесе одлука кој може да добие право да се префрли во Европската унија. „Но ние повеќе не можеме да прифатиме ниту еден човек, кој со помош на превозници нелегално пристигнува во ЕУ“, укажува австрискиот канцелар.

Како што оценува Курц, политичката волја за спроведување на таквиот курс во Европа има. „По прашањето за бегалците на европско ниво многу се промени. Се сфаќа дека патот на кој тргнавме во 2015 година, беше погрешен“, заклучува Курц алудирајќи на најголемиот мигрантски бран од Втората светска војна кој ја зафати Европа.