![amerikanski sili vo Sirija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/10/amerikanski-sili-vo-Sirija.jpg?resize=650%2C366&ssl=1)
Радикалната сунитска организација Исламска држава е на работ од поразот во сирискиот град Рака и ова нејзино упориште може целосно да биде исчистено од џихадистите во сабота или недела, соопшти милицијата на сириските Курди – Единици за заштита на народот (YPG) за Reuters во саботата.
Коалицијата против Исламската држава под водство на САД соопшти дека во изминатото деноноќие 100 припадници на џихадистичката група се предале и оти се „изнесени од градот, но дека уште се очекуваат тешки борби „во текот на следните денови“.
Во соопштението не е прецизирано на кој начин џихадистичките борци се изнесени од Рака и во кој правец се префрлени.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон која се повикува на наводни свои активисти на теренот, соопшти дека преостанатите борци на Исламската држава се пренесени од Рака со автобуси во согласност со договорот меѓу џихадистите и западната коалиција предводена од САД, како и Сириските демократски сили (SDF) арапско-курдската коалиција на опозициските сириски групи во којашто доминира милицијата на сириските Курди – Единици за заштита на народот (YPG).
Сириските демократски сили, со поддршката на коалициските воздушни сили и американските специјални единици на копното, од јуни водат офанзива за истиснување на Исламската држава од Рака, формално нивен главен град во Сирија и база од којашто наводно се планирале терористичките напади на земјите од Западот.
Конечниот пораз на Исламската држава во Рака се смета за голем пресврт во напорите да биде уништен самопрогласениот калифат во Сирија и Ирак, каде што претходно годинава џихадистите беа истиснати од вториот по големина ирачки град Мосул.
„Продолжуваат борбите во Рака. Исламската држава е на работ да биде поразена. Денеска или утре градот ќе биде ослободен“, изјавил во телефонски разговор за Reuters Нури Махмуд, портпарол на курдските сили во Сирија.
Портпаролот на коалициските сили предводени во САД во електронска порака од 13-ти октомври соопштил дека околу 85 отсто од градот Рака се ослободени, пренесува агенцијата.
Последните седмици околу 1.500 цивили од Рака успеале безбедно да се префрлат до линиите на SDF, додал портпаролот на коалициските сили во пораката.