Курдскиот лидер Оџалан отворен за преговори со турската влада

Историскиот лидер на курдскиот бунт и поранешен основач и челник на Работничка партија на Курдистан (PKK), Абдула Оџалан, во изјавата објавена во неделата посочи дека ќе биде подготвен позитивно да придонесе за „новата парадигма“ што ја започна владата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Најавата беше објавена по првата посета по речиси десет години на членовите на прокурдската партија на Оџалан, кој е затворен од турските власти од 1999 година. Ова се смета за одговор на најновата иницијатива на ултра-националистичката Партија за националното движење (MHP), која ја поддржува Партијата на правдата и развојот (AKP) на Ердоган.

Иницијативата се однесува на ослободување на Оџалан под услов PKK да се разоружа. Политичките коментатори во земејата го гледаат тој чекор како можен почеток на нов мировен процес.

Изјавата на Оџалан ја соопштија Сири Суреја Ондер и Первин Булдан, пратеници на прокурдската партија DEM. Во саботата им беше дозволено да го посетат Оџалан првпат по повеќе години на затворскиот остров Имрали, југозападно од Истанбул.

Во изјавата Оџалан ги повика сите политички сили да дејствуваат конструктивно и да преземат иницијатива за да се обезбеди успешен „процес“, додавајќи дека најважната платформа за тоа е Националното собрание на Турција.

PKK, којашто покрај Турција и Европската унија и САД ја сметаат за терористичка организација, се бори против турската држава од 1980-те.

Ондер и Булдан во 2019 година беа вклучени во преговорите со Оџалан, кому му се забранети посети од 2011 година, за прекин на штрајкот со глад на затворените Курди поради односот кон нив во затворите. Ондер ја прочита изјавата на лидерот на PKK на курдскиот новогодишен празник Невроз во 2013 година, во која тој ги повика борците на PKK да се повлечат. Примирјето беше прекинато во 2015 година.

Во октомври 2012 година турските власти започнаа мировни преговори со основачот и лидер на Работничката партија на Курдистан (РКК), Абдула Оџалан, кој е заточен на доживотна робија откако беше уапсен и грабнат од припадниците на турските тајни служби во Кенија во февруари 1999 година. Во јуни истата година, тој беше осуден на смрт за тероризам и предавство и затворен на островот Имрали во Мраморно Море, јужно од Истанбул. Казната подоцна под притисок на меѓународната заедница беше заменета со доживотен затвор без право на помилување. Со овие преговори требаше да се дојде до решавање на четириесетгодишниот турско-курдски судир за автономија на Курдите во кој загинаа над 40 илјади луѓе.

Според тогашниот план двете страни преземаа обврски, со кои требаше да се стави крај на долготрајниот конфликт. Дел од обврските беа исполнети, и во согласност со планот, PKK официјално прогласи прекин на огнот од 21-ви март 2012 година, кога се прославува курдската Нова година (Невроз). Повлекувањето на курдските милитанти од турската територија кон планината Кандил во северен Ирак требаше да заврши на 15-ти август 2013 година. Наведениот датум зависеше од тоа дали Турција ќе ги усвои реформите со коишто ќе гарантира поголеми права за курдското малцинство, коешто според процените го има околу 15 милиони, што претставува 20 отсто од вкупното населени на Турција коешто брои над 80 милиони луѓе. Курдските борци ја прекинаа таа операција во 2012-та, оценувајќи дека владата во Анкара не ги одржала ветувањата за реформите во полза на курдското малцинство.

Процесот на решавањето на курдското прашање тогаш беше прекина и со протестите на курдското население откако џихадистите од Исламската држава преземаа повеќемесечна офанзива за заземање на Кобани, третиот по големина курдски град во соседна Сирија, а турските власти не дозволуваа пребеганите курдски борци или доброволци да се вратат и да го бранат градот. Во тој период зачестија и нападите врз турските војници. Во март истата година Оџалан ги повика своите поддржувачи да одржат конгрес на кој ќе се расправа за мирно решавање на курдското прашање.

Последните години Турција изведува повремени напади во ирачката автономна покраина Ирачки Курдистан, која се смета со седиште на структурите на PKK. Покрај тоа, турската армија пред шест години изврши инвазија на територијата на соседна Сирија каде што се судира со курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), која ја смета за сириско крило на PKK, а која е основа на бунтовничките Сириските демократски сили (SDF), кои ги поддржува САД во борбите против ултрарадикалната џихадистичка групација Исламска држава (ISIS).