Спасовски и соработниците се луксузираат во МВР. Нов мебел влезе во канцелариите на соработниците на технички назначениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Како што информира „Курир“ постоечките бироа и канцелариска опрема не биле доволно луксузни за тимот на технички назначениот министер за внатрешни работи па до надлежните организациски единици била издадена наредба веднаш да им биде донесена сосема нова опрема.
Од разговори што порталот ги извршил со вработени во зградата број 1 во министерството, тие изразија зачуденост од ваквиот нерационален однос бидејќи досегашната канцелариска опрема и мебелот кој соработниците на Спасовски го затекнале биле прилично нови и функционални.
Исто така „Курир“ дознава дека Оливер Спасовски прилично богато и парично ги наградил своите први соработници.
Со оглед на тоа што станува збор и за неколку лица кои се во пензија, Спасовски склучувал со нив договори на сума од околу 60.000 денари. Тие 1.000 евра државни пари кои Спасовски одлучил да им ги исплаќа се двојно повеќе од основната плата што ја добиваат полициските службеници кои 24 часа ја обезбедуваат јужната граница, пишува порталот.
Порталот повикувајќи се на извори во МВР пишува дека техничкиот министер Спасовски не се „стегнувал“ ниту кога биле во прашање нарачките и набавките на мобилни телефони и компјутери за него и неговиот тим. Техничкиот министер преферирал Ај-фон, а истата желба ја имале и дел од неговиот тим.
За сите овие прашања кои се од интерес на јавноста од редакцијата на Курир било испратено уредно барање до МВР, но за жал се уште нема добиено одговор.
Поталот потсетува дека неодамна, се обратија и со други прашања до МВР на кои доби неконкретен одговор, што не е првпат медиумите да се соочат со ваков однос од службите на МВР откако Спасовски стана технички министер.
Јавноста дозна за луксузното Ауди и џиповите кои Спасовски ги зеде за себе веднаш по доаѓањето и има право да дознае на што се трошат парите од буџетот. Јавноста треба да знае дека СДСМ како опозиција говори едно, а штом ќе дојде на власт веќе презема сосема спротивни чекори, пишува порталот.