Курти го обвини „новосадскиот клан“ за терористичкиот напад во Бањска

Косовскиот премиер Аљбин Курти на својот Фејсбук профил денеска упати нови обвинувања кон Србија и претседателот Александар Вучиќ во врска со настаните во Бањска на 24 септември. Меѓу другото, Курти тврди дека „паравоениот, терористички напад во Бањска го организирал клан од Нови Сад на чело со српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ“.

Курти понатаму наведува дека Милош Вучевиќ е претседател на партијата СНС, дека трипати бил избиран за градоначалник на Нови Сад „со помош на Звонко Веселиновиќ и најблискиот пријател на братот на српскиот претседател Андреј Вучиќ“.

– Околу 40 православни поклоници на Бањскиот манастир на 24 септември беа од Нови Сад. Можеби случајно, истрагата треба да покаже. Терористичка група во бегство предводена од Милан Радоичиќ престојува во Рашка– напиша Курти.

– Криминалци во војна, криминалци во мир, криминалци во Србија, криминалци на  Косово – напиша Курти со дополнителни обвинувања кон српскиот претседател Александар Вучиќ, кого го нарекува шеф на сите газди, „кој е тука да докаже дека иако криминалот ја диктира државата, всушност државата е таа што го диктира криминалот“.

Курти ги наведе прекарите на некои од луѓето што ги обвинува дека се виновни за „терор во северните општини на Косово“.

– Во четирите северни општини на Косово владее терор, криминал и култура на насилство од страна на паравоената Делија (навивачите на Црвена звезда), што се изразува со екстремистички прекари како: Мами, Луне, Дацо, Руси, Немац, Гиле, Драго, Ацо, Коми, Бели, Миќко , Прки, Мрки.. Меѓутоа, Косово нема јурисдикција во Србија. Зарем ЕУ и САД не треба да формираат Специјален суд за новосадскиот клан? Балканската мафија би претрпела смртоносен удар, додека балканскиот регион би бил целосно отворен за европска демократија, правда, постојан мир и забрзан развој – заклучи Курти.