Курти најави задолжително служење на воениот рок во Косово

Мандатоарот за претседател на Владата на Косово Албин Курти, на почетокот на денешната седница на косовското Собрание, на која ќе се гласа за неговиот предлог за составот на новата Влада, најави дека служењето на воениот рок во државата за време на неговото владеење ќе биде задолжително, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Курти, воената служба ќе трае три месеци, а ќе се воведе со цел да се помогне на Безбедносните сили на Косово (ФСК) што поефикасно да ги извршуваат нивните задачи.

Лидерот на партијата победничка на изборите на 6 октомври, Движењето Самоопределување (ВВ), ги наброја мерките кои ќе ги преземе неговата влада во сите области и најави зголемување на буџетот на државата на три милијарди евра.

Во дипломатијата, Курти најави политика на добрососедство и нагласи дека е подготвен да го води дијалогот за решавање на споровите со Србија, кој очекува да резултира со меѓусебно признавање на двете држави.