Курти не сака ЗСО, нема да се согласиме на нивните измами, вели Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека косовскиот премиер Албин Курти „по секоја цена сака да предизвикува конфликти и не е заинтересиран да формира Заедница на српски општини“.
„Нема да се согласиме на нивните измами“, рече Вучиќ во Рашка, за време на состанокот со политичките претставници на Србите од Косово.
Тој изјави дека повеќето земји од Западот не се заинтересирани за ЗСО или опстанокот на српскиот народ, туку „само кога де факто или де јуре ќе го признаеме Косово како независно“.
Обраќајќи им се на претставниците на Србите од Косово, тој изјави дека знае оти „донеле одлука да не учествуваат на изборите на северот на Косово“ и ги повика „сите да бидат обединети“.
„Курти ќе ви биде градоначалник, но барем работите ќе бидат очигледни“, рече Вучиќ, наведувајќи дека само мал процент од Албанците живеат во општините на северот на Косово, иако ќе гласаат.
Вучиќ рече дека Курти инсистира на избори на северот на Косово за подоцна да каже дека Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ не се српски општини, па затоа не можат да формираат ЗСО.