Српскиот претседател Александар Вучиќ, говорејќи за кризата на северот од поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија каде политичарите на албанското мнозинство во 2008 година со поддршка од западните земји еднострано прогласија независна Република Косово што Белград не го признава, оцени во неделара дека на клучните актери на Западот им е јасно дека косовскиот премиер Албин Курти е виновен и оти не се согласува со тоа дека е достигнат врвот на ескалацијата, и дека Курти не сака го сака воспоставувањето на договорената Заедница на српските општини (ЗСО), туку сака војна
„Некои не ја разбираат реалноста, мислат дека е доволно секогаш да ја обвинуваат српската држава за недоволно силен пристап. Курти нема да запре. Нема да има ЗСО, ваква или онаква. Никаква не сака. А тој знае дека ЗСО мора да биде во согласност со принципите што ги парафиравме (поранешниот косовски челник) Иса Мустафа и јас. Не сакаат да прифатат никаков принцип“, рече Вучиќ во настапот во живо за утринскаа програма на ТВ Пинк.
Српскиот претседател истакна дека Курти сака војна „затоа што сака да биде воен лидер“, сето она што тој самиот би сакал да го избегне.
„И сега сака да нѐ вовлече во конфликт и со НАТО“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за уапсените косовски полицајци на српска територија, тој рече дека не верува оти е можно тие да поминат без обвинение, но дека определувањето на притворот секако е работа на надлежните органи.
Кажа дека овој случај се користи за жестока кампања против Белград и повтори дека припадниците на косовската полиција биле уапсени на територијата на централна Србија.
Вучиќ посочи дека српската војска е многу посилна од косовските безбедносни сили, но дека тие сѐ повеќе се опремуваат и вооружуваат, и дека Турција ги вооружува.
„Одбивме да купиме ‘Барјактар’ (турски беспилотни летала), бидејќи ги дадоа на Приштина. Нема да соработуваме со нив на тој начин.
Неодамна пристигнаа кинески беспилотни летала CH-90 и нив ги набавуваме и натаму. За пет месеци ќе добиеме 1.000 беспилотни летала камиказе што ги нарачавме на Блискиот исток, за да го одвратиме потенцијален агресор“, рече тој.
Српскиот претседател рече и дека не е точно дека Американците мислат за Србија на ист начин како во деведесеттите, туку наведе дека тие имаат многу подобар став.
Сепак, тој додаде дека тие сметаат дека ставот за Косово е одвоен од тоа, но дека Србија го мисли спротивното.