Курти ретерираше и се согласи дека се потребни избори на косовскиот север

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се потребни нови избори во четирите општини на северот од Косово, затоа што излезноста беше мала откако тамошното доминатно српско население ги бојкотираше претходните, и додаде дека сфаќа дека избраните градоначалници немаат целосен легитимитет.

„Од друга страна, мора да изнајдеме вистинско решение, а не да работиме надвор од законот. Можно е да има петиција на граѓаните во која ќе се бара да биде прекинат мандатот на градоначелниците на тие општини. Јас сум подготвен да помогнам за тоа, но не можеме да посегаме по незаконски решенија, затоа што тоа ќе создаде дополнителни проблеми“, рече Курти.

Додаде и дека полициските акции на северот од Косово, не се акции туку реакции на „разни насилни екстримисти“.

„Криминалните групи го напаѓаат КФОР, новинарите. Треба прво да ги снема криминалните елементи, а потоа ветивме дека ќе го намалиме полицискиото присуство“, рече Курти.

Според него, нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград треба да се случи со имплементација на договорот.

„Мораме да го направиме тоа што поскоро, и Косово да има нормални односи со Србија. Местото каде што ќе ги решаваме проблемите е Брисел и Европската унија, но затоа ни се потребни повеќе енергија, инсисирање и сериозност“, порача косовскиот премиер.

Најавата за подготвеноста на Приштина за спроведување нови избори во четирите општини доколку тоа е во согласност со законот, на 1-ви јуни косовската претседателка Вјсоа Османи ја објави по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на дипломатијата на Европска унија, Жозеп Борел на самитот во молдавската престолнина Кишињев.