САД и нивните западни сојузници остро ги прекорија косовските власти за одлуката да постават градоначалници Албанци во зградите на општините со српско мнозинство на северот и покрај одѕивот помал од три отсто на локалните избори. Вашингтон го откажа учеството на Косово на воена вежба предводена од САД и најави нови мерки против Приштина.
„Имаме малку поинаков пристап и мислам дека санкциите против Косово се несразмерни и нефер“, изјави Курти за Политико на маргините на Глобсек конференцијата во Братислава. Додаде дека „претераната реакција“ на САД го изненадила.
САД и Европската Унија оценија дека употребата на сила за поставување на новоизбраните градоначалници на северот ги поткопала напорите за нормализација на односите со Србија.
Американскиот амбасадор на Косово Џефри Ховениер кажа дека САД разгледуваат други мерки и дека во моментов „немаат ентузијазам“ да му помогнат на Косово во неговите напори да стекне пошироко меѓународно признавање или напредок кон членство во ЕУ и НАТО“.
„Би бил изненаден ако кој било функционер на косовската влада би можел да ги посети САД во овој момент“, кажа амбасадорот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека Курти и неговата влада треба да обезбедат избраните градоначалници да ги исполнат своите преодни обврски од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили.
Курти вчера кажа дека тоа не може да го направи „сè додека оваа насилна толпа е пред зградите и се заканува да нападне“.
Тој укажа дека учесниците на протестите на северот со графити со буквата „Z“ „покажуваат восхит кон рускиот претседател и руската воена агресија во Украина, додека некои од нив се полицајци во Србија“, пренесува Коссев.
„Толпата да се врати во Србија или во затвор на Косово, а потоа ќе го намалуваме присуството на полицијата во општинските згради и ќе ја нормализираме ситуацијата“, кажа Курти.
Тој тврди дека би разбрал ако Србите на северот мирно протестирале во април, по повод одржувањето на изборите, но не и на „толпа со буквата Z кои пукаат во полицајците, фрлаат гранати и викаат „убиј, убиј“.
Косовскиот премиер, од друга страна, на форумот во главниот град на Словачка спомна предвремени избори.
„Доколку сакаат мирни протести со барање за предвремени избори, имаат премиер кој цел живот бил политички активист и е спремен да ги сослуша, а дури можеби и да се договори со нив“, кажа Курти.
Премиерот на Косово ја обвини владата на Србија за најновата ескалација на тензиите. На прашањето дали стравува дека кризата би можела да прерасне во поширок конфликт, Курти предупреди дека може. Но додаде дека „тоа зависи од Белград“.
Курти во вчерашното интервју навести дека би разговарал со претседателот на Србија Александар Вучиќ ако биде договорена средба. Меѓутоа, тој ги обвини и западните престолнини.
„Она што го гледаме од демократскиот Запад е одреден став на попуштање. Така дојдовме до тука“.