Курти во Тетово беше пречекан со знаме со картата на „голема Албанија“

Синоќа на плоштадот во Тетово по повод посетата на косовскиот премиер Аљбин Курти, домаќинот Билал Касами организираше голема манифестација. И тука, како и во Чаир претходно немаше ниту едно македонско знаме, а настаните се одвиваа само на албански јазик, без превод на македонски јазик за новинарите од македонските редакции. Во Тетово беше завеано и знаме со карта на „голема Албанија“, а оваа фотографија е објавена на официјалниот фејсбук-профил на градоначалникот Касами.

Покрај Касами и Мурти, во првите редови на собирот во Тетово беа и Иџет Меџити, основач на нова политичка партија на Албанците во Македонија и Африм Гаши, претседателот на Алтернатива.

Организатор на настанот беше Општина Тетово.

На знамето со картата на „голема Албанија“ се и ликовите на Иса Болетини и на Исмаил Џемаили.

Болетини е албански националистички борец, кој кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, се борел против Отоманската империја и против српските и црногорски сили. Болетини е еден од најголемите борци за Голема Албанија. Во Сарај има споменик на Болетини.

Џемаили е албански државник кој учествувал во пишувањето на албанската декларација за независност. Бил прв премиер и министер за надворешни работи на независна Албанија од 1912 до 1914 година.