Белгискиот голман Тибо Куртоа со десетината бравурозни интервенции го запре напаѓачите на Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите играно во саботата вечерта во Париз и на својот Реал Мадрид му овозможи си минималната победа од 1:0 да дојде до 14-та европска круна во клупската историја.
Решавачкиот гол го постигна Винисиус Жуниор во 59-та минута, но вистински херој, сепак беше Куртоа кој ги запре сите одлични гол-шанси на Ливерпул.
Почетокот на натпреварот доцнеше 37 минути поради несфатливи пропусти во организацијата, односно создавање на тисканица на навивачите на англискиот тим на влезот пред стадионот. Поради тоа и доцнело и пристигнувањето на играчите на парискиот „Стад де Франс“.
Како и против Челзи во реваншот и подоцна во полуфиналниот двомеч со Манчестер Сити, Реал и овојпат беше во подредена улога на теренот во односот кон уште еден англиски претставник. Ливерпул го имаше поседот, ја плетеше мрежата пред противничкиот шеснаесетник од почетокот на дуелот. Таквата игра доведе во бројни шанси за „Редси“, но како и на претходните мечеви, и овојпат спасителот на Реал беше голманот Куртоа.
Во 16 минута Трент Алескандер-Арнолд нафрли а Мохамед Салах пред голот на Реал одлично се снајде и се закани но Куртоа рефлексно го запре тој шут. Уште подобра беше шансата во 21 минута кога Садио Мане ја измеша одбрана на мадриѓаните, добро шутираше од десетина метри, но повторно добро реагираше Куртоа, допирајќи ја топката и туркајќи ја кон стативата.
Откако ги издржа почетните налети на противникот, Реал започна мудро да ги користи сите грешки и можности на противникот, па во тој период почесто играта се селеше на половината на Ливерпул. Реал не создаде шанси во тој период, но ги запре нападите на Ливерпул, а успеа во 44 минута и да ја затресе противничката мрежа. Карим Бензема стрелец, но по ВАР проверката голот не беше признат поради офсајд позиција.
И почетокот на вториот дел беше сличен на случувањата од првите 45 минути. Повторно Луверпул ја имаше иницијативата и го диктираше ритамот и напаѓаше. Но поведе Реал во првата ситуација кога посериозно тргна кон противничкиот гол. Во 59 минута Валверде повеќе шутираше силно отколку што имаше намера некој да проигра и топката ќе отидеше далеку од голот на Ливерпул, но дојде од осамениот Винисиус на втората статива кој лесно ја затресе мрежата.
По водечкиот погодок на „Кралевите“, Ливерпул тргна со уште пожестоки напади. Пет минути подоцна Салах одлично шутираше од врвот на шеснаесетникот, но повторно се испречи Куртоа како и во 69 минута кога Салах од непосредна близина се обиде да го совлада.
Во последните петнаесетина минути кулминираа нападите на Ливерпул, повеќепати топката „се шеташе“ на пет-шест метри од голот на Реал. Во 80 минута близу до израмнување беше Диого Жота, а во 82 минута Салах сѐ совршено изведе, но резултатот не се промени. Египетскиот напаѓач прекрасно во трк ја смири топката, влезе во шеснаесетникот покрај противничката одбрана и шутираше од десно во спротивната страна, но Куртоа реагираше фантастично и со надлактицата ја изби топката в корнер, фрлајќи ги навивачите на Ливерпул во очај.
Во самиот финиш мечот се отвори Ливерпул напаѓаше со сѐ повеќе играчи што на Реал му создаде простор за противнапади, но резултатот не се промени.
Реал така до своите две титули во Лигата на шампионите дојде преку Ливерпул. Во 2018 година го победи со 3:1 а сега со минималните 1:0.