Кувајт воведува минимален данок од 15 отсто за мултинационалните компании од почетокот на 2025 година за да обезбеди пари за проширување на производната база на сопствената економијата. Малата земја во Персискиот залив моментално го полни својот буџет првенствено со приходи од продажбата на нафта.
Минималниот данок од 15 проценти следи по иницијативата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕCD) за промени во глобалниот даночен систем што треба да ги затвори дупките во даночните закони и да обезбеди порамномерна распределба на даночните приходи.
Обединетите Арапски Емирати, исто така, планираат да им наплатат на мултинационалните компании минимален данок од 15 проценти од почетокот на следната година.
Во средината на ноември, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја усвои декларацијата за соработка за оданочување, која предвидува почеток на преговорите во 2025 година. За декларацијата гласаа дури 125 земји, а против беа Австралија, Канада, Израел, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Велика Британија, САД и Аргентина. Вкупно 46 земји беа воздржани, вклучително и сите членки на Европската унија.
Неодлучноста на земјите, особено на членките на ЕУ, кои се воздржаа од гласањето, е „запрепастувачка“ бидејќи регионот како целина е најголемиот губитник, со проценета изгубена сума од 176 милијарди долари, изјави извршниот директор на „Tax Justice Network“, Алекс Кобам.
Буџетите на земјите ширум светот губат 492 милијарди долари годишно, бидејќи мултинационалните корпорации и богатите поединци ги користат таканаречените даночни раеви за да ги избегнат даночните обврски, пресмета здружението. Мултинационалните компании се одговорни за изгубениот буџетски приход од 347,6 милијарди долари, пресмета „Tax Justice Network“ во извештајот објавен на 19-ти ноември.
Гласањето во ОН покажа „исцрпување на гласачкиот блок на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕCD), кој досега беше обединет во отфрлањето на иницијативата, при што мнозинството нејзини членки беа воздржани минатата седмица“, забележува „Tax Justice Network“.
Сите членки на ОЕCD заедно, вклучително и 30 кои беа воздржани или гласаа за, сè уште сносат одговорност за повеќе од две третини од изгубените даночни приходи, соопшти здружението. Земјите со повисоки приходи губат во просек седум отсто од буџетите за здравство, а земјите со пониски приходи приближно 36 отсто, посочија тие.