Кувајтската опозиција освоила речиси половина од местата во парламентот на изборите кои се одржуваа во текот на викендов, во атмосфера на повиците за спроведување реформи поради корупцијата и големиот државен долг, а единствената пратеничка во парламентот го загуби досегашниот мандат.
Според резултатите кои во неделата ги објави државната изборна комисија во програмата на државната телевизија, 24 од 50-те мандати во Народното собрание на Кувајт ги освоиле кандидатите кои доаѓаат или се наклонети на опозицијата, во однос на 16 во минатиот состав на парламентот.
И покрај тоа што во саботата за пратенички места се кандидираа 29 жени, овојпат не е избрана ниедна, што претставува удар за статусот на жените кои последните години жестоко се борат за поголема застапеност во државните органи на овој емират богат со нафта. Инаку правото на глас во Кувајт жените го изборија пред 15 години.
Политичките набљудувачи сметаат дека изборот на 30 кандидати помлади од 45 години испраќа ветувачка порака за младите кои се надеваат на промени и реформи во Кувајт.
Изборите, кои во арапска блискоисточна земја се одржуваат редовно на секои четири години, овојпат беа спроведени во сенката на пандемијата на коронавирусот, поради што и изборната кампања беше потивка и поскромна. Пет избирачки места, по едно во секој изборен округ, беа одредени за лицата заразени со коронавирусот.
Резултатите покажуват дека во новиот парламент ќе влезе 31 нов пратеник. Исламското уставно движење (ICM), кое е поврзано со панарапското исламистичко движење Муслиманско братство, освои три пратенички места, а кандидатите од шиитското малцинство освоија шест пратеници.
Кувајтскиот политички аналитичар Ајед ал-Мана, за агенцијата AFP изјави дека се забележува „голема промена во составот на новото Национално собрание“, додавајќи дека тоа е показател за „гневот на гласачите поради начинот на кој се носеа одлуките во претходниот состав на парламентот, како и дека е показаетл за желбата на населението за промени“ во економијата, здравството, образованието и разните услуги.
Како и повеќето земји во Персискиот залив, и кувајтската економија е тешко погодена од двојниот проблем – пандемијата на коронавирусот а поради која стагнираат стопанските активности, што пак влијае врз намалената побарувачка и пад на цената на нафтата.
Во Кувајт, со кој веќе два ипол века владее семејството ал-Сабах, политичките партии се забранети. Земјата го усвои парламентарниот систем во 1962 година, моќта е концентрирана во кралското семејство, а премиерот и 15-те од 16-те места во владата ги назначува емирот.