Кувајтскиот престолонаследник го распушти парламентот

Престолонаследникот Кувајт, Машаал ал-Ахмед ал-Сабах издаде указ за распуштање на Националното собрание (еднодомниот парламент на кралството), чиј состав беше востановен со одлуката на Уставниот суд во март годинава, објави службената новинска агенција KUNA.

Се известува дека указот на принцот ќе стапи на сила по објавувањето во владиниот весник al-Kuwait al-Yawm. Според документот, одлуката за распуштање на парламентот била „диктирана од интересите на нацијата“, бидејќи „кувајтскиот народ, како извор на власта, мора да ги избере своите претставници за управување со државните работи и постигнувањето на поставените цели“.

Претходно на 18-ти април, престолонаследникот ал-Сабах изјави дека решил за распуштање на парламентот и спроведување предвремени парламентарни избори. Покрај тоа, рече и дека по изборите ќе следат политички и правни реформи кои ќе имаат цел да се надминат несогласувањата меѓу владата и парламентот и ќе се избегне можност за злоупотреби од страна на законодавната или извршната власт. Во указот кој го издал во понеделникот не се споменува одржувањето на избори.

Еден месец пред првичната најава на ал-Сабах, кувајтскиот Уставен суд ги поништи резултатите од парламентарните избори одржани на 29-ти септември минатата 2022 година, и го врати стариот состав на пратениците кои беа избрани на изборите од 5-ти декември 2020 година.

Минатата година престолонаследникот одлучи да го распишти тој состав на парламентот, наводно поради незадоволство од неговата работа меѓу Кувајќаните. Според него, на домашната политичка сцена постојано се забележуваат обидите „да се задоволат личните интереси за сметка на нацијата“, што имало негативно влијание и врз развојните перспективи на земјата и врз односите меѓу извршната и законодавната власт.

Парламентот во Кувајт има поголемо влијание од сличните институции во монархиите во Персискиот залив, така што стабилноста на политичкиот систем традиционално зависи од тоа колку ефикасно соработуваат законодавната и извршната власт. Но последните години континуиран е судирот меѓу избраниот парламент и именуваната влада, што неколкупати беше причината за распуштање на законодавниот дом.

Поради несогласувањата со парламентот, кувајтската влада седум пати во трите последни години поднесуваше оставка. На 9-ти април, мандаторот Ахмед Наваф ал-Ахмед ал-Сабах формираше нов кабинет чиј состав беше одобрен со декрет на принцот. Претходната влада поднесе оставка во јануари годинава, само три месеца откако беше формирана.