Кузмановски: Анимакс е наше дете за кое се грижиме со многу љубов и труд

Нетпрес: Што е Анимакс?
Кузмановски: Анимакс Скопје Фест е радосната линија на животот која ги прибира аниматорите од цел свет и нивните дела ги носи пред македонската публика. Анимакс е наше дете за кое се грижиме со многу љубов и труд.
Нетпрес: Како се роди идејата за Анимакс?
 
Кузмановски: Анимакс се роди точно на 40-годишниот јубилеј од првиот македонски анимиран филм „Ембрион“ кој не врати назад во историјата на македонската анимациска школа на чие конто има запишано огромни успеси. Кога ја погледнавме денешната ситуација со анимацијата каде одредени анимациски куќи кај нас собираат Оскари, сфативме дека и иднината е светла за анимацијата во Македонија. Кога се има добар корен и стебло, мора да се родат и добри плодови. Затоа и решивме да се ставиме на располагање на нашите аниматори, а и на македонската пубика секогаш да и го носиме она што е најактуелно и најквалитетно во тековната година.
Нетпрес: Како течат подготовките за овогодинешниот фестивал?
 
Кузмановски: Ние отсекогаш со Анимакс се однесуваме домаќински и ја започнуваме работата за следното издание веднаш по завршувањето на претходното. Но, како по некое непишано правило последните две недели бараат енергија и вложување колку за цела година. Ама тоа се слатки маки на кои веднаш забораваме кога ќе ги видиме вљубеницие во анимацијата како со радост ги следат проекциите.
Нетпрес: Кој ќе биде во жири оваа година?
Кузмановски: Интернационалното жири како и секогаш до сега е составено од двајца членови од странство и еден домашен автор. Господинот Симон Волски доаѓа од престижното полско студио „Се-ма-фор“, додека господинот Марко Мештровиќ е припадник на познатата и светски призната „Загребска анимациска школа“и секако нашиот претставник од жири-комисијата Крсте Господиновски, кој е професор на катедрата по анимација на ЕСРА.
Нетпрес: Кој и како врши селекција на филовите?
Кузмановски: Селектор на фестивалот е господинот Благоја Куновски, долгогодишен филмски критичар.
Нетпрес: Според кои критериуми се бира победникот?
 
Кузмановски: Победникот го прогласува тричленото жири и тие најчесто велат дека победникот го одлучуваат нијансите бидејќи секогаш имаме многу квалитетни филмови во селекција.
Нетпрес: Дали Македонија има добри аниматори?
Кузмановски: Несомнено е дека Македонија има добри аниматори меѓутоа јас би потенцирал поинаку во смисла на тоа дека младите луѓе кои и онака најголем ел од своето слободно време го поминуваат пред компјутер би можеле тоа да го сторат со посебен ангажман, творејќи анимација. Ете така годинава имаме три македонски филмови во официјална конкуенција во борба за Златната тула. Искрено се надевм дека овој број ќе се зголемува секоја година.
Нетпрес: Како технологијата влијае врз создавањето на анимираниот филм, како се правеле порано, а како сега?
 
Кузмановски:Токму напредокот на технологијата овозможува креативен израз на секој оној кој ќе добие ваков импулс. Сега е едноставно, идејата односно својот сон да го претвориш во јаве ако имаш трпение, време, волја и добар компјутер.
 
Нетпрес: Кои се вашите очекувања од фестивалот?
 
Кузмановски: Анимакс и годинава ја исцрта својата радосна линија на животот со тоа што на фестивалот се пријавија близу 260 филмови од 50 земји учеснички и тоа сите овие авторски остварувања беа со врвен квалитет и изработени во најразлични техники. Освен квалитетни филмови во официјалната селекција, ќе имаме и филмови за деца, како и работилници за оние кои сакаат да научат нешто повеќе за анимацијата или да разменат искуства со врвни професионалци. Сметам дека тоа е голем предизвик за сладокусците на анимацијата.