Во интересен и богат со можности дуел од квалификациската Група Ф, за пласман на Европското првенство во 2024 година, фудбалерите на Белгија и Австрија во Брисел одиграа 1:1.
Австријците поведоа во 21 минута кога по еден корнер топката стигна до Грегорич на втората статива, а тој со помош на домашниот играч Мангала го измами Куртоа.
Во продолжението од мечот, Белгија која настапи без својот лидер Кевин Де Брујне, го притисна противникот, и израмни во 62 минута. Ромелу Лукаку ја прими топката на врвот од шеснаесетникот, се намести и силно шутираше во мрежата. На 107-от настапи за Белгија во текот на кариерата, Лукаку веќе постигна 73 гола.
Дуелот потоа целосно се отвори, а големи шанси потоа пропуштија и Австријците. Забицер, а особено Пош, мораа повторно да ги доведат гостите во водство, но Куртоа брилијантно реагираше во вториот случај. На другата страна возвратија Караско и Лукаку, но и тогаш резултатот не се промени и се заврши со поделба на бодовите. Во последните секунди стативата ги спаси Австријците од пораз по ударот на Тиелеманс.
Австрија остана прва на табелата, со седум бодови, односно три повеќе од Белгија.
Во Групата Ј Португалија на домашен терен ја совлада Босна и Херцеговина со 3:0. Првата голема шанса на натпреварот ја имаа гостите, кои во 29 минута изведоа многу убава акција со лоша завршница. Сам, на десетина метри од противничкиот гол, Џеко шутираше лошо, а БиХ беше казнета во финишот на првото полувреме кога Бернардо Силва во 44 минута ја доведе Португалија во водство.
Неизвесните 1:0 стоеја до 77 минута кога Бруно Фернандеш погоди за 2:0 и со тоа ги обезбеди трите бода за Португалија. Истиот играч го загклучи мечот со погодокот во 93 минута. Тоа беше трет натпревар за Португалија во квалификациите и трета победа со гол разлика 13:0.
Во таа група Словачка го победи Исланд на гости со 2:1, а натпреварот го реши домашниот играч Магнусон кој во 70 минута ја погоди сопствената мрежа. Пред тоа Финбогасон беше стрелец за домашните од пенал, а Кук за гостите.
Чешка рутински гостуваше на Фарските Острови каде победи со 3:0, со што дополнително го потврди првото место во нивната Група Е. По три одиграни натпревари Чесите имаат две победи и едно реми. Тестот на Фарските Острови беше решен по првото полувреме бидејќи Чешка замина на пауза со два гола предност, со головите на Крејчи и Черни. Во продолжение Вацлав Черни погоди уште еднаш за конечни 3-0.
Во таа група Албанија на домашен терен во Тирана ја победи Молдавија со 2:0. Двата гола Албанија ги постигна во вториот дел од мечот, најпрвин Асани во 51 минута, а потоа и Бајрам во 76 минута. Албанија со тоа ја забележа првата победа во квалификациите.
Грузија во рамките на Групата А го совлада Кипар со 2:1 во Ларнака, а Давиташвили беше стрелец на решавачкиот гол во 84 минута.