Квалификации за СП 2018: Очекувани победи на Холандија и Шведска

Вo првите натпревари од 8-то коло европските квалификации за Светското првенство во 2018 година во групите А , Б и Х постигнати се очекуваните резултати, а најуверливата победа ја оствари Шведска на гостувањето во Белорусија со 4:0, како и Холандија која во Амстердам ја совлада Бугарија со 3:1 и остана во трката за пласман во Русија.

Холандија беше под императивот на победа до која стаса со двата гола на 26-годишниот играч од средниот ред Деви Пропер во 7 и 80 минута, а еднаш стрелец беше и Арјен Робен во 67 минута. Единствениот гол за Бугарија го постигна Костадинов во 69 минута.

Швеѓаните до уверливата победа од 4:0 во Белорусија стасаа со головите на Фросберг во 18, Ниман во 24, Берг во 37 и Гранквист во 84 минута од пенал.

Во оваа група води Шведска со 16 бодови, колку што има и второпласираната Франција но со натпревар помалку кој подоцна во неделата го игра со Луксембург, Холандија со победата ја мина Бугарија и се проби на третата позиција со 13 бодови, а Бугарија остана на 12 бодови.

Во Групата Б Фарските острови благодарејќи на голот на Соренсен во 32 минута ја совладаа Андора, додека во групата Х Естонија оствари победа против Кипар дури во 93 минута, кога погоди Каит.