Во Македонија постои традиција и техничка регулатива за проектирање, изведба и контрола на градби отпорни на силни земјотреси. Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите кои се проектираат и градат да се сметаат за сеизмички отпорни.
Ова е еден од заклучоците на домашните експерти кои учествуваа во дискусијата на стручниот форум посветен на сеизмичката отпорност на градбите во организација на Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД Скопје (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.
Знаењето, почитувањето на стандардите и одговорноста на сите учесници вклучени во процесот на планирање, проектирање и изведба се од клучно значење за сеизмичката безбедност на градбите. Секој поинаков пристап е неодржлив, децидни се професорите од Градежниот факултет во Скопје.
Според нив, неопходно е да се посвети и соодветно внимание на делот од регулативата која го третира испитувањето на сеизмичката повредливост на постоечките објекти, бидејќи за нив е неопходна специфична експертиза.
Дополнително, еден од основите предуслови за успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, исто така е и познавањето на геолошките карактеристики на почвата каде се гради.
„Посебно внимание треба да се посвети на сигурноста на градбите за кои постојат недоречености во важечките прописи, како што се: доградбите, надградбите, објектите кои се реконструираат и останатите специфични комплексни објекти“, потенцира директорот на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, проф. д-р Михаил Гаревски, нагласувајќи дека „во процесот на проектирање на ваквите градби неопходни се дополнителни анализи кои опфаќаат и анализа на одговорот на тие конструкции за време на земјотрес, со цел избегнување на штети и при умерени земјотреси каков што беше последниот во Скопје од 11-ти септември оваа година“.
Големо влијание врз квалитетот на градењето, како еден од сегментите што имаат пресудно значење за сеизмичката сигурност на објектите, има и квалитетот на градежните материјали што се користат.
„Пресметките покажуваат дека во цената на еден станбено-деловен објект, цементот учествува со помалку од 3%. Од друга страна, нашиот цемент е со двојна контрола на квалитетот, по највисоки европски стандарди, поради што по многу параметри е водечки во регионот. Ако е така, тогаш се наметнува прашањето – дали воопшто вреди да се ризикува со сигурноста на градбата, доколку се вградуваат матерјали со помала цена, но со понизок квалитет. Мојот одговор е – не, бидејќи сите внатрешни елементи можат да се заменат, но штедењето во конструкцијата може да има катастрофални последици“, смета главиот извршен директор на Цементарница УСЈЕ, Борис Хрисафов.
Со него се согласува и претседателот на управниот одбор на Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД Скопје, м-р Борис Танески, потенцирајќи дека „неопходна е задолжителна ригорозна контрола од надлежните институции на квалитетот на градежните материјали што се вградуваат, особено во конструктивните, носечки елементи на градбите, со што дополнително ќе се гарантира нивната сигурност и при силни земјотреси“.
Учесниците на форумот се согласија дека само со интезивна стручна дискусија и соработка на оваа тема ќе се зголеми свеста во општеството за значењето на сеизмички отпорната градба, како и за потребата од дополнително подигнување на стандардите и квалитетот на градењето со што ќе се одговори на потребите на совреметото живеење.