Квинс Парк по речиси 100 години стигна до четвртфиналето на Купот на Шкотска

Шкотскиот фудбалски второлигаш Квинс Парк направија сензација совладувајќи го Ренџерс на „Ајброкс“ со 1:0, со што стигна до четвртфиналето на Купот на Шкотска првпат по речиси 100 години.

Квинс Парк десет пати го има освоено шкотскиот куп, но последен пат стигна до четвртфиналето во 1928 година. Само Селтик со 42 и Ренџерс со 34 титули се поуспешни во Купот кој своето премиерно издаени го имал во 1874 година, кога токму Квинс Парк беше првиот победник.

Решавачкиот гол го постигна Себастијан Дрозд во 69. минута. Ренџерс можеше да израмни во седмата минута од судиското надополнување, но капитенот Џејмс Таверние промаши пенал.

„Имавме план за игра кој се обидовме да го спроведем, да ги фрустрираме. Не можевме да играме брзоплето и да напаѓаме. Одушевен сум поради играчите. Момците беа фантастични. Беше навистина тежок натпревар, никој не го очекуваше ова”, изјави за BBC менаџерот на Квинс Парк, Калум Дејвидсон.

Од друга страна, менаџерот на Ренџерс, Филип Клемент, не го криеше незадоволството.

„Навивачите се во право што се лути. И јас сум лут. Тоа е неприфатливо и играчите го знаат тоа. Нема да донесувам заклучоци за целата сезона од еден момент. Премногу го сакавме тоа, затоа немаше смиреност”, рече тој.

Претходно пласман во четвртфиналето остварија бранителот на титулата Селтик, како и екипите на Абердин, Данди, Хибернијан, Сент Џонстон….